Француската агенција за јавно здравје денес објави дека за време на топлотниот бран од 17 јуни до 2 јули се регистрирани 5.764 смртни случаи повеќе од очекуваните.

Според податоците на агенцијата, вкупно 5.764 смртни случаи повеќе се регистрирани во 92-те департмани погодени од топлотниот бран, што претставува 36 проценти повисока стапка на смртност од очекуваната за тој период, објавува телевизијата BFM.
Повеќе од половина од тоа зголемување е регистрирано на 25, 26 и 27 јуни, додека 24 и 25 јуни беа најжешките денови некогаш регистрирани во Франција.
Агенцијата наведува дека ефектите од топлината ги погодиле сите возрасни групи од 15 години и постари, нагласувајќи дека ова бил период кога училишните и работните активности сè уште биле во полн ек.
Француската агенција за јавно здравје нагласува дека ова е прелиминарна проценка и дека конечните податоци ќе бидат потврдени со подетална анализа по завршувањето на летниот период на следење, која треба да биде објавена на есен.




