
Вирусот Западен Нил повторно циркулира низ Европа, а сезоната на пренос преку комарци е во полн ек. Според најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), локално стекнати случаи оваа сезона се регистрирани во Грција, Италија, Шпанија, Романија и Северна Македонија, каде досега се потврдени два случаи во Скопскиот и Вардарскиот регион.
Иако кај најголем дел од заразените инфекцијата поминува без симптоми, кај мал процент од пациентите може да предизвика тешки, па дури и животозагрозувачки компликации. За западнонилската треска сè уште не постои ниту специфичен лек, ниту вакцина за луѓе.
Како се пренесува
Западнонилската треска е вирусно заболување што најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец од родот Culex. Природен резервоар на вирусот се птиците, тие го одржуваат неговото присуство во природата, додека луѓето и коњите се заразуваат случајно, кога комарецот претходно каснал заразена птица.
Клучна карактеристика на болеста е дека не се пренесува од човек на човек преку вообичаен контакт. Исклучително ретки случаи на пренос се можни преку трансфузија на крв или трансплантација на органи.
Симптоми – од незабележлива инфекција до тешка невролошка состојба
Кај околу 80 проценти од заразените лица инфекцијата поминува без какви било симптоми. Кај приближно 20 проценти се развива блага форма на болеста слична на грип, која може да се манифестира со висока телесна температура, треска, главоболка, болки во телото и мускулите, замор, слабост, гадење, повраќање и кожен осип.
Периодот на инкубација, односно времето од убодот до појавата на првите симптоми, најчесто трае од три до 14 дена. Кај помалку од еден процент од заразените болеста може да премине во тешка, невроинвазивна форма како воспаление на мозокот (енцефалитис), воспаление на мозочните обвивки (менингитис) или, во ретки случаи, акутна флакцидна парализа.
Најголем ризик имаат лицата постари од 60 години и луѓето со ослабен имунолошки систем. Симптоми за кои е потребна итна лекарска проценка се силна главоболка, вкочанет врат, нарушена свест, конфузија или слабост на екстремитетите.
Лекување – само поддржувачка терапија, без специфичен лек
За западнонилската треска не постои специфична антивирусна терапија, ниту вакцина за луѓе. Лекувањето се базира на симптоматска и поддржувачка нега – надоместување течности, намалување на температурата и, кај тешките невролошки случаи, хоспитализација и постојан медицински надзор.
Токму поради отсуството на специфичен лек, здравствените власти постојано ја нагласуваат превенцијата од убоди од комарци како најважна мерка за заштита.
Ситуацијата во Европа
Според податоците на грчката Национална организација за јавно здравје (EODY), заклучно со 22 јули во Грција се потврдени 21 локално стекнат случај, од кои 14 се регистрирани само во последната недела – знак дека сезоната на пренос се интензивира. Кај 20 од заразените се развиле сериозни компликации на централниот нервен систем, како енцефалитис или менингитис, а 13 пациенти биле хоспитализирани. Засега нема пријавени смртни случаи.
Најголем број случаи во Грција се концентрирани во пошироката област на Атина, каде дел од соседните општини се прогласени за подрачја со висок ризик поради близината до веќе погодените региони. Од EODY посочуваат дека вирусот се појавува речиси секоја година во Грција од 2010 година, што укажува дека болеста станала ендемска.
Според ECDC, заклучно со 15 јули во Европа се регистрирани 33 локално пренесени случаи, од кои најмногу во Италија – 20 случаи во 16 различни подрачја. Минатата година, 2025, во Европа биле пријавени вкупно 1.112 случаи на западнонилска треска.
Македонија – вирусот циркулира, но случаите остануваат ретки
Во Македонија, за разлика од болести како денга или чикунгуња, кои сè уште претставуваат само потенцијален ризик, присуството на вирусот Западен Нил е веќе потврдена реалност. Секоја година, најчесто во летниот и есенскиот период, Институтот за јавно здравје регистрира лабораториски потврдени случаи.
Првиот случај годинава е регистриран на 15 мај кај 55-годишен маж од Велес. Почетните симптоми биле висока температура, кожен осип, малаксаност и постепено влошување на менталната состојба. Пациентот бил хоспитализиран, а епидемиолошката анализа покажала дека немал патување надвор од земјата ниту контакт со лица со слични симптоми, што укажува на локално стекната инфекција.
До овој момент, во 2026 година во Македонија се потврдени два случаи, лабораториски потврдени на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – во Скопскиот и Вардарскиот регион. Директорот на клиниката, Фадил Цана, потврди дека пациентите се хоспитализирани и под постојан медицински надзор.
Бројката е речиси иста како и минатата година – во 2025 година во земјава биле регистрирани два случаи, во период кога Европа бележеше повеќе од илјада заразени.
Ризикот е среден, но зависи од превенцијата
Институтот за јавно здравје го проценува моменталниот ризик за населението како среден, со напомена дека тој значително може да се намали со почитување на основните мерки за заштита.
Се препорачува: употреба на репеленти против комарци, носење облека со долги ракави и ногавици, поставување заштитни мрежи на прозорците, избегнување престој на отворено во зори и навечер, кога комарците се најактивни и отстранување стоечка вода околу домовите, каде комарците најлесно се размножуваат.
Здравствените власти апелираат граѓаните да побараат лекарска помош доколку по убод од комарец почувствуваат висока температура, силна главоболка, осип или какви било невролошки симптоми.




