Пратениците денеска на пленарна седница треба да донесат одлука за Дополнетиот ребаланс на Буџетот за годинава.
Тој е единствената точка на дневен ред на 118 седница чиј почеток е закажан за 11 часот.

Владата минатата недела на седница го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот во кој се вградени усвоените амандмани од комисиската расправа за финансирање и буџет.
Дел од амандманите се однесуваат на дополнителни средства за жените коишто вршат земјоделска дејност, за отварање СОС линија за поддршка на жртвите на родово и семејно насилство, како и средства за отворање и ставање во функција на два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство.
Вкупните приходи се проектирани на ниво од 379,5 милијарди денари, а вкупните расходи на ниво од 425,8 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво 46,3 милијарди денари или 4,1 проценти од БДП, а економскиот раст на ниво од 3,5 проценти.
Од Левица велат дека во ребалансот на Буџетот секој десети денар е позајмен.
– За покривање на дефицитот и отплата на обврските се предвидуваат 76,4 милијарди денари “ново финансирање”. Тоа значи дека речиси секој десетти денар што власта ќе го потроши е позајмен. Од вкупното финансирање, над 54 милијарди денари, или околу 71%, се врзани за странски кредитори. Само каматниот товар изнесува повеќе од еден милион евра дневно – уште пред да се отвори првиот шалтер, да започне првиот час во училиште или да биде прегледан првиот пациент, државата веќе натрупала нова милионска сметка, велат од Левица.




