
Поради новиот топол бран што ќе ја ја зафати Европа, наредните денови ќе бидат „многу тешки“ за Франција и Шпанија, но со зголемен ризик од пожари во текот на следните недели ќе се соочат и Грција, Италија и Централна Европа, порача раководител на европскиот Центар за координација на итни реакции, Марија Зубер.
Според неа, метеоролошките прогнози за високи температури, сув воздух, ветер и недостиг на дожд создаваат услови за поттикнување пожари и нивно ширење.
„Грција досега беше поштедена, но сега гледаме дека таму се шири ризикот од пожари. Италија е во опасност од почетокот на август. Мора да почекаме и да видиме што ќе се случи со Иберискиот Полуостров, бидејќи ако повторно се разгори и таму, цела Европа ќе биде во пожар, изјави Зубер.
Во меѓу време, шпанскиот премиер Педро Санчез оцени дека следните 12 часа се клучни за пожарите во Шпанија.
На брифинг за медиумите Санчез оцени дека состојбата со шумските пожари во Мадрид и Авила се развива поволно, но дека сè уште се потребни будност и претпазливост, особено поради новиот топлотен бран што се приближува кон Шпанија.
„Следните 12 часа ќе бидат клучни. Тие ќе бидат одлучувачки за консолидацијата на работата што е завршена. Тоа е највисок приоритет во овој момент,“ изјави Санчез.
Во моментов во Шпанија има 10 активни шумски пожари. На неколку илјади евакуирани лица им е дозволено да се вратат во своите домови, но Санчез побара трпение и разбирање од останатите се додека не им се обезбедат гаранции за сигурно враќање.




