Книгата раскази „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски излезе на хрватски јазик во издание на „Тим пресс“ од Загреб. Преводот од македонски на хрватски е на Томислав Ровичанец, кој го има напишано и поговорот за ова издание. Расказите се преведени со поддршка на Европската преведувачка мрежа „ Традуки“.
Како што стои во најавата на хрватскиот издавач, станува збор за антологиска проза на универзален автор, не затоа што истовремено пишува романи, раскази, драми и есеи, не затоа што неговата проза спојува историски, психолошки и политички состојби, туку затоа што е повеќеслојна и со мноштво пораки:
„Миневски е автор кој иронизира без зајадливост, хроничар на балканскиот микрокмосмос во ерозија и неговите беспомошни трагачи по сеопшта правда и божја милост. Неговата имагинација е богата и раскошна. Неговите раскази се движат од реалност до фикција, од репортажа и фељтон до омајна проза, па затоа кај него ништо не е како во стварноста, иако сѐ е преземено од неа. Како еден од најавтентичните автори на Балканот, Миневски сосема уверливо го потврдува своето високо раскажувачко реноме и со оваа книга, збогатувајќи ја европската книжевна ризница со врвно прозно дело“, стои во информацијата на издавачката куќа „Тим пресс“ од Загреб, која во истата едиција ги има објавено и Емберто Еко, Мишел Зинк, Ерика Фатлан, Сагри Санберг, Слободан Шнајдер, Томас Снегаров, Ари Тарунен, Џорџ Штајнер и други.