Македонија денеска доби 149 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската Унија, средства коишто треба да ги искористи за изградба на третата фаза од железничкиот коридор 8 односно за изградба на делот од Крива Паланка до граничниот премин со Бугарија.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека е постигнат договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел којшто треба да ги спои двете држави.
– Денешното потпишување претставува продолжување на визијата што ја постави оваа Влада – Македонија да ја искористи својата уникатна позиција како раскрсница на двата коридора, 8 и 10, и на тој начин да го докаже своето место како срце на Балканот. Изградбата на Коридорот 8 е еден од врвните приоритети на Владата. Ова е исклучително значаен ден, зашто по скоро две години работа доаѓаме до реален и остварлив проект, што може да биде реализиран, рече Николоски на денешното потпишување.
Очекувањата се до крајот на месецов да се одржи вториот меѓувладин состанок во Скопје.
– Пораката е јасна – двете држави испраќаат заедничко писмо до ЕУ, ЕИБ и до ЕБОР за обезбедување грант за изградба на тунелот кој, убеден сум, ќе биде далеку поголем од оние грант средства за кои досега се зборуваше, рече Николоски.




