дома Македонија Општество Драстичен пад на бројот на првачиња: Во новата учебна година дури 4.900...

Драстичен пад на бројот на првачиња: Во новата учебна година дури 4.900 помалку ученици во прво одделение

Новата учебна 2026/2027 година ќе започне со значително помал број ученици во клупите, со оглед на тоа што е регистриран драстичен пад на запишани првачиња во споредба со минатата година.

Бројките за средните училишта сè уште не се конечни бидејќи претстои третиот уписен рок, каде што намалувањето е помалку изразено. Сепак, состојбата во основните училишта е алармантна, соопшти министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

-Бројот не е дефинитивен затоа што уште ќе се запишуваат, дел од нив не се пријавени. Се надевам дека малку ќе опадне таа бројка, која е страшно голема во однос на демографијата. Жал ми е што го кажувам тој факт, го има објавено и Статистика, тоа се најновите податоци – околу 4900 првачиња помалку оваа година отколку лани. Колку и да се запишат, ќе бидеме со најмалку 3000 првачиња помалку. Тој тренд го очекуваме и следната година, што е поразително за оваа земја. За Владата е тоа загрижувачки елемент и постојано велиме дека треба да обрнеме особено внимание. Ние како МОН правиме сè за да ги подобриме условите за да ги задржиме во земјата, рече Јаневска на прес-конференција на која беа соопштени резултатите од државната матура.

Покрај демографските предизвици, министерката се осврна и на процесот на воведување едносменска настава, кој веќе е реализиран во над 200 училишта низ државата, особено во Кавадарци, Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Штип.

-Овој процес многу побрзо се спроведува во внатрешноста. Најголем проблем се општините на Скопје каде што се групира населението од државата, но имаме проект за доградување на повеќе од шест училници или некаде две до шест училници за да обезбедиме услови. Сите можни напори ги правиме до крајот на мандатот едносменска настава да имаме во целата држава, додаде Јаневска.

ПредходнаСДСМ тврди дека биле нападнати млади активисти во Ново Село
СледнаЈаневска апелира за итно носење на законите за високо образование: „Бадентер“ се злоупотребува за политички решенија