
Полицискиот синдикат на Словенија побара сеопфатна, професионална и непристрасна истрага за сообраќајната несреќа во која беше вклучена словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар.
Синдикатот нагласува дека истрагата мора да биде темелна и прашува дали конвојот под придружба користел звучни и светлосни сигнали, што е задолжително според правилата.
Поранешниот директор на словенечката разузнавачка и безбедносна служба СОВА, Андреј Рупник, тврди и дека постојат и безбедносни ризици што произлегуваат од фактот дека во службеното возило со претседателката се возеле и две нејзини пријателки.
Официјално е познато дека пријателките, од кои едната е руска државјанка, немаат деловен однос со претседателката. Кабинетот на Пирц Мусра вчера соопшти дека нема да ги откријат нивните имиња, бидејќи тие не се јавни личности.
Мешутоа, Рупник смета дека таков став е погрешен. „Во моментот кога овие две дами влегле во возилото на заштитено лице, тие станале јавни личности. Затоа одбивањето да се открие нивниот идентитет е бесмислено“, нагласи Руоник.
Според него, присуството на луѓе кои имаат редовен и директен контакт со заштитено лице создава неколку ризици. Првиот е ризикот луѓето во непосредна близина на претседателката, заедно со неа, да станат мети на напад. Таквата ситуација не само што би ги загрозила, туку значително би ја отежнала и работата на обезбедувањето. Вториот ризик се однесува на самото заштитено лице.
Законот предвидува дека полицијата мора да спроведе безбедносна проверка на сите лица кои се во директен и постојан контакт со заштитено лице. Ако таков однос трае подолго, ова е важен аспект на целиот безбедносен систем. Покрај тоа, се отвора и трет потенцијален ризик. „Со оглед на тоа што една од овие пријателки наводно е руска државјанка, овие ризици – не тврдам дека постојат – но, треба да бидат разгледани и од СОВА“, додаде Рупник.
Исто така е невообичаено што претседателката се наоѓала во комби за време на службеното патување, додека „Аудито“ во нејзината придружба било празно.
„КомбИто обично се користи за други членови на делегацијата во заштитени конвои. Претседателката, која има највисоко ниво на заштита, треба да седи на задното седиште од автомобилот, каде што нема други седишта пред неа“, вели Рупник.
Во овој случај, патниците на задните седишта седеле еден спроти друг. „Тоа е доста опасно. Ако се случи судир и патниците не се врзани, лицето станува проектил што може да повреди друго лице во насока на ударот. Сосема е можно токму тоа да се случило овде“, додава Рупник.
Се поставува и прашањето дали употребата на светлосни и звучни сигнали влијае на одговорноста на возачот на комбето, кој беше кривично гонет од полицијата за предизвикување сообраќајна несреќа.
Рупник објаснува дека ова не ја намалува неговата одговорност. Дури и кога возило со вклучени светла има предност, возачот мора да се придржува до одредени општи правила. Прво на сите, таа мора да внимава да не ги загрози патниците во своето возило и другите учесници во сообраќајот.
„Возачите кои управуваат со возила под придружба секогаш носат високо ниво на одговорност. Доколку се случи несреќа поради небрежност, тие обично се сметаат за одговорни за неа“, вели Рупник.
Кабинетот на претседателката првично објави дека таа носела сигурносен појас, но потоа таа самата призна дека не носела.
„Она што е навистина релевантно е полицискиот извештај. Сепак, тој многу често се базира на изјавите на учесниците. Прашањето е што учесниците ѝ кажале на полицијата на местото на несреќата и какви информации стигнале до Кабинетот на претседателот. Сега знаеме што самата претседателка вели и треба да веруваме во тоа. Можно е Кабинртот некако да се обидел да ја заштити. Инаку, неносењето сигурносен појас е прекршок што може да значи огромна разлика во сообраќајна несреќа, понекогаш разлика помеѓу живот и смрт“, заклучи Рупник.




