„Галичник како медиум“ е насловено 37. издание на колонијата што ќе се одржи од 12 до 19 август во инспиративното село на падините на планината Бистра
„Галичник како медиум“ е насловено 37. издание на Ликовната колонија „Галичник“ што ќе се одржи од 12 до 19 август во инспиративното село на падините на планината Бистра. Десетмина реномирани уметници од земјава и од странство ќе создаваат дела, инспирирани од природата и од Галичник. Селекцијата обединува уметници со различни генерациски, културни и медиумски искуства: Нина Тодоровиќ и Предраг Терзиќ од Србија, Радостин Седевчев од Бугарија, Зденко Бужек од Хрватска, Арт Чибукчиу од Косово, Клеменс Гахтер од Австрија, Фук Нгујен од Виетнам/Холандија, Сами Каваниши од Јапонија и Елпида Хаџи-Василева и Кристина Пулејкова од Македонија.
– Постојат места што инспирираат уметност. Но постојат и ретки места што самите стануваат уметност. Таков е Галичник. Со 37 години континуитет и повеќе од 400 учесници од Македонија и од светот, Ликовната колонија „Галичник“ се етаблира како една од најреномираните традиционални меѓународни уметнички колонии во земјата и препознатлива платформа за современа визуелна уметност во регионот. Богатата колекција создадена низ годините претставува значаен сегмент од македонското современо културно наследство – вели Ана Франговска, уметнички директор на колонијата.
Според неа, успехот на колонијата не произлегува од еден елемент, туку од внимателно граден концепт што речиси четири децении ги обединува врвните домашни и меѓународни уметници, авторските кураторски концепти, современата уметничка продукција, богатата колекција создадена низ годините, активната комуникација со локалната заедница и посветеноста кон културното наследство како жив простор за современо творештво. Благодарение на оваа синергија, „Галичник“ одамна прерасна во современа меѓународна уметничка резиденција, препознатлива по својот професионален кредибилитет и културно влијание.
– Концептот на 37. издание на колонијата го поставува селото како активен медиум на уметничкото создавање. Планината, камената архитектура, природата, светлината, звуците, тишината, традицијата, локалните жители и колективната меморија стануваат рамноправни чинители во креативниот процес. Уметниците не доаѓаат само да создаваат дела во Галичник – тие создаваат со Галичник, претворајќи го просторот во жива лабораторија за современа уметност – објаснува Франговска.
Според неа, посебна вредност на колонијата претставува нејзината отвореност кон јавноста. Покрај творечкиот процес, програмата вклучува презентации и разговори со уметниците (14 и 15 август), како и традиционална работилница со деца (16 август), со што современата уметност се доближува до пошироката публика и станува дел од секојдневниот културен живот.
Секој двегодишен циклус завршува со репрезентативна биенална изложба и каталог, кои ги документираат новосоздадените дела и претставуваат траен запис за секое издание.
– Ликовната колонија „Галичник“ не продуцира само уметнички дела за време на престојот на авторите. Таа создава знаење, истражувања, нови уметнички практики, трајна музејска колекција и меѓународни професионални мрежи што продолжуваат да живеат и по завршувањето на резиденцијата. Токму затоа Галичник не е само музеј на минатото, туку жива лабораторија на современата уметност, каде наследството не се чува зад стакло, туку постојано се преиспитува, се трансформира и повторно се создава. Затоа Галичник не е само место. Тој е медиум – вели Франговска.




