дома Свет Иран: Напредуваат преговорите за деблокада на Ормуцкиот Теснец

Иран: Напредуваат преговорите за деблокада на Ормуцкиот Теснец

Преговорите меѓу Иран и Оман за обнова на транзитот низ Ормуцкиот Теснец напредуваат конструктивно, соопшти денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакај.  .

„Постигнат е договор за планот за поморски сообраќај, а консултациите продолжуваат за усогласување на техничките детали од заедничката изјава“, изјави Бакај.

Тој објасни дека ќе бидат воспоставени механизми за гарантирање на безбеден поморски сообраќај, заштита на животната средина и решавање на проблемот со поморскиот криминал.

„Исто така, беше нагласено дека ќе се наплаќаат соодветни трошоци и такси за обезбедување поморски услуги за бродовите“, додаде портпатолот.

Според него, фундаменталната цел на разговорите меѓу Техеран и Мускат е да се постигне траен договор што ќе обезбеди целосна безбедност во Теснецот.

„Разговорите со Оман се чисто билатерален процес насочен кон воспоставување безбедни рути за меѓународен поморски сообраќај и немаат никаква врска со политичките несогласувања“, рече Бакај, нагласувајќи дека Ормуцкиот Теснец нема да биде целосно отворен сè додека Вашингтон не ги исполни барањата на Техеран, што вклучува и прекин на поморската блокада на иранските пристаништа.

Договорот со САД на „стенд бај“

Пораките од Техеран доаѓаат во време на стагнација на преговори за иднината на пловидбата низ Ормуцкиот Теснец. Во јуни, Иран и САД, со посредство на Пакистан и Катар, потпишаа меморандум за разбирање со кој се стави крај на судирите и започнаа преговори за сеопфатен договор.

Меморандумот предвидуваше постепена обнова на комерцијалната пловидба низ Ормуц, но неговата имплементација беше запрена откако двете страни започнаа со меѓусебни обвинија за прекршување на договорените одредби.

Претходно, американскиот портал „Аксиос“ објави дека претседателот на САД, Доналд Трамп „не му придава преголемо значење“ на повторното отворање на Ормуцкиот Теснец, ако не биде постигнат дипломатски договор со Иран, објави американскиот новински медиум „Аксиос“.

Во телефонски разговор со новинар на „Аксиос“, Трамп наводно рекол дека САД нема целосно да се посветат на преговори со Иран.

„Само делумно преговараме со нив. Само го набљудуваме Иран со неговата огромна инфлација и фактот дека нема пари“, изјавил Трамп, тврдејќи дека американската поморска блокада на иранските пристаништа ја влошила ситуацијата. „Сè ќе се среди. Секогаш се средува. Како шаховска игра е“, додал Трамп за преговорите со Иран.

Од друга страна „Аксиос“ пренесува изјави од американски претставници кои тврдат дека Трамп е фокусиран на деескалација на состојбата.

Иран бара големи отстапки

Израелскиот експерт за Иран, Дени Цитринович, на социјалната мрежа X објави дека економската состојба на Иран несомнено е лоша, но дека само економскиот притисок веројатно нема да го принуди Техеран да капитулира на преговарачката маса или да се откаже од клучните стратешки интереси, како што е барањето за контрола на Ормуцкиот Теснец.

Во последните денови, Иран побара од САД значителни отстапки пред да го деблокира Теснецот, кој клучен за меѓународната трговија со нафта и гас.

Врховниот совет за национална безбедност на Иран постави неколку услови за повторно отворање на Теснецот, вклучувајќи го укинувањето на поморската блокада на САД, повлекувањето на американските сили од регионот, целосното укинување на сите санкции кон Иран и безусловното ослободување на сите замрзнати ирански средства.

ПредходнаНајмалку 13 загинати при украински напад врз Русија
СледнаЕруптира вулканот Етна исфрлаjќи големи количества пепел (ВИДЕО)