
Хрватските власти спроведуваат координирана операција за пребарување и спасување на четворица млади португалски државјани кои исчезнале синоќа за време на силно невреме во каналот Велебит во Јадранското Море, во близина на градот Сењ.
Националниот центар за координација на потрагата и спасувањето на море во Риека соопшти дека во време кога исчезнале Португалците преовладувале крајно неповолните временски услови со силни удари на ветер и бранови високи и до три метри.
Исчезувањето на четворицата Португалци го пријавила нивна познаничка рано изутринава во 4:41 часот. Според неа, четворица пријатели го напуштиле кампот во кој биле сместени северно од Сењ со гумен чамец долг околу 1,5 метар. По ова им се губи секаква трага.
При пребарувањето во близина на брегот на островот Крк е пронајден е напуштен чамец, кој според описот одговара на оној со кој пловеле исчезнатите лица.
Поради јакиот урагански ветер и брановите кои надминуваа два метри, дел од единиците вклучени во пребарувањето утрево беа повлечени од акцијата, а Центарот соопшти дека побарал вклучување на дополнителни пловила штом тоа го дозволат временските услови.
Од Крајбрежната стража на Република Хрватска било побарано да се вклучи во операцијата со авион, кој би ја пребарувал пошироката област на каналот Велебит.



