
Рускиот претседател Владимир Путин денеска се закани дека Русија ќе почне да запленува бродови од европските земји, како одговор на одлуката на ЕУ за продажба на товарот запленет од пресретнатите бродови од т.н. руска „флота во сенка“.
Како што јави „Еуроњуз“, закните доаѓаат по пресретнувањето на неколку бродови што транспортираа руска нафта, кршејќи ги европските санкции воведени со цел ограничување на клучните извори на приходи на Москва.
Со најновите санкции усвоени минатиот месец, на земјите-членки на ЕУ им се овозможува да продаваат нафта или кој било друг товар запленет од бродовите од „флотата во сенка“.
Согласно ваквата одлука, според информации од Шведска, Стокхолм ќе му предаде на Киев запленет руски брод за кој се претпоставува дека превезува жито од окупираните делови на Украина.
Москва остро реагираше на одлуката на ЕУ, која Путин ги нарече „пиратство и бандитизам“.
„Ќе бидеме принудени да одговориме со иста мера“, рече Путин, додавајќи дека Москва ќе дејствува секаде каде што смета дека е потребно и соодветно, независно каде и да е тоа.
Ваквата изјава Путин ја даде на рускиот крстосувач „Варјаг“ во близина на островот Сахалин, каде што руската Воена морнарица спроведува вежби.
Овие маневри се одржуваат една недела пред заедничките воени вежби меѓу САД и Јужна Кореја, кои се симулација на можна инвазија од Северна Кореја. Тензиите во регионот се зголемија, а Киев и Сеул ги обвинуваат Пјонгјанг и Москва за зајакнување на воената соработка.




