дома Гастронаутика Патуваме Итака очекува туристички бум: Филмот „Одисеја“ би можел да донесе илјадници туристи

Итака очекува туристички бум: Филмот „Одисеја“ би можел да донесе илјадници туристи

Малиот грчки остров Итака, една од помалку посетените туристички дестинации во Јонското Море, очекува голем туристички бран благодарение на холивудски филм „Одисеја“ на режисерот Кристофер Нолан, инспириран од приказната за Хомеровиот херој Одисеј од Итака.

Итака се наоѓа во Јонското Море, покрај западниот брег на континентална Грција, и досега во голема мера беше надвор од главните туристички рути.

Иако е познат по кристално чистото море, скриените заливи и поврзаноста со Хомеровата „Одисеја“, не беше меѓу најпопуларните грчки острови.

Сепак, ова би можело да се промени по светскиот успех на филмот на Нолан.

„Научив грчки кога бев дете и ја проучував „Одисеја“. Ја обожавам Одисеј. Ова е мојот сон“, изјави италијанската адвокатка Џорџа Онгарато, која беше видливо емотивна за време на нејзината посета на Итака.

Туристички ефекти се очекуваат од следната сезона

Градоначалникот на Итака, Дионисис Станицас, верува дека филмот би можел да има значително влијание врз туризмот, но дека вистинските ефекти ќе бидат видливи дури следната година.

„Сè уште нема големо зголемување на посетителите поради филмот. Очекуваме луѓето да почнат да планираат патувања од следната година, бидејќи филмот постепено се прикажува низ целиот свет. Затоа, сè повеќе луѓе ќе почнат да размислуваат за патување на островот“, рече Станицас.

Сепак, локалните претприемачи веќе забележуваат дека Итака добива поголемо меѓународно внимание.

„Туристите со кои разговарав веќе зборуваат за филмот и веруваат дека од него ќе произлезе нешто позитивно. Иако филмот сè уште не е прикажан во сите кина, тој веќе почна да го претставува островот и да го зголемува неговиот профил благодарение на поврзаноста со филмот“, вели локалниот претприемач Џими Хоца.

Хомер е сè уште главната причина за посета

Сопствениците на продавници за сувенири на Итака одамна знаат зошто туристите доаѓаат на островот – Хомер и неговата „Одисеја“ се сè уште меѓу главните мотиви.

„Луѓето доаѓаат затоа што ја знаат легендата за Одисеј и Хомер, кој ја напишал „Одисеја“. Мислам дека тоа е главната причина, но островот е исто така многу убав и мал“, вели Јоана Грива, сопственичка на продавница за сувенири.

Островот е домаќин и на постојана изложба „Светлина врз Хомеровата Итака“, која ги прикажува археолошките наоди што ја поврзуваат модерната Итака со местото опишано во делото на Хомер како татковина на Одисеј.

Филологот и археолог Спирос Куварас е оптимист во врска со иднината на туризмот на островот. Тој особено очекува дека филмот на Нолан би можел да придонесе за доаѓањето на туристи надвор од главната летна сезона.

„Од следната година очекуваме значително зголемување на бројот на посетители, а можеме да кажеме дека ова ќе влијае и на месеците што вообичаено се надвор од сезона. Тоа се октомври, можеби дури и ноември, како и март и април, кои обично се мирни месеци на Итака“, рече Куварас.

Како што наведува, зад очекуваниот туристички бран стои филмот на Нолан, но зад филмот на Нолан – Хомер.

ПредходнаВоздушна интервенција над село Габер: Aвиониi и хеликоптер го гаснат пожарот
СледнаЗападнонилската треска се шири низ Грција и Италија