дома Свет Балкан Западнонилската треска се шири низ Грција и Италија

Западнонилската треска се шири низ Грција и Италија

Грчката Национална организација за јавно здравје (ЕОДИ) денеска соопшти дека до вчера во Грција се регистрирани 110 инфицирани лица со вирусот Западен Нил во Грција, од кои девет починале, додека во Италија има 226 заболени лица, од кои седум починале.

Според ЕОДИ, најголем број заболени од севернониска треска се регистрирани во реонот на Атика, каде што се наоѓа и Атина, а само во последниве седум дена се пријавени 45 нови случаи.

Од вкупниот број заболени, 81 лице развиле заболување на централниот нервен систем – менингитис или енцефалитис.

Починатите пациенти биле на возраст меѓу 65 и 91 година.

Вирусот е регистриран во 39 општини, вклучително и во делови на Тесалија, Централна Македонија и Пелопонез.

ЕОДИ ги повика граѓаните да бидат особено претпазливи бидејќи се претпоставува дека вирусот е пораспространет од регистрираните случаи.

Италијанскиот Национален институт за здравство соопшти дека од почетокот на годината, па до вчера, во Италија се пријавени 226 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил.

Вирусот е регистриран во 55 региони, а најмногу случаи се регистрирани во регионите Венето, Пиемонт, Лацио и Ломбардија, како и во градовите Падова, Милано, Рим и Кремона.

Од вкупниот број случаи, 102 се манифестирале во невроинвазивна форма, а 38 асимптоматски случаи се откриени кај дарители на крв.

Во истиот период лани во Италија биле пријавени 275 заболени и 25 смртни случаи од западнонилска треска.

ПредходнаИтака очекува туристички бум: Филмот „Одисеја“ би можел да донесе илјадници туристи
СледнаПри градежни активности во Белгија откриено злато во вредност од 9 милиони евра