Со изведба на претставата „Кармен“ на Драмски театар денес во Неготино се отвора театарскиот фестивал „Бранко Ѓорчев“.

Фестивалот ќе се одржува во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“, а претставите почнуваат во 20 часот, влезот е слободен.
Публиката во Неготино до 23 август ќе има можност да проследи пет претстави во ревијалната фестивалска програма.
По отворањето на фестивалот со монодрамата „Кармен“ на актерката Биљана Драгиќевиќ- Пројковска во режија на Дејан Пројковски, наредната фестивалска вечер ќе биде во вторник на 18 август со изведба на претставата „Знаме и куфер“ на режисерката Изабела Јакимова во продукција на „Театар за тебе“ од Скопје.
Во среда на 19 август театарот „Ј.Х.К.-Џинот“ од Велес ќе ја изведе претставата „Синиот портокал“ на режисерот Александар Ивановски, а на 21 август (петок) на програмата е „Магионичарско шоу“, детска програма со Кристијан Шопов – Кико Магико.
Фестивалот се затвора во недела на 23 август со ансамблот на Народниот театар „Ацо Шопов“ од Штип кој ќе ја изведе претставата „ЈЗУ Европа“ на режисерката Кристина Атансова.




