дома Свет Поништен францускиот закон кој забрануваше пристап на децата до социјалните мрежи

Поништен францускиот закон кој забрануваше пристап на децата до социјалните мрежи

Уставниот совет на Франција го поништи законот што забрануваше пристап до социјалните медиуми за лица помлади од 15 години, со образложение дека „не обезбедува доволни правни гаранции за да се потврди возраста на сите корисници и да се заштити слободата на изразување“.

Ваквата одлука на Уставниот совет, кој е највисоката инстанца во Франција задолжена за контрола на усогласеноста на законите и останатите правни акти со Уставот, се оценува како удар за францускиот претседател Емануел Макрон, кој жестоко се залагаше за забраната и сакаше таа да стапи во сила на почетокот на новата учебна година.

По одлуката, Макрон побара од францускиот премиер Себастијан Лекорну да го преработи законот, земајќи ги предвид забелешките на Уставниот совет.

Советот не заклучи дека самото ограничување на возраста е неуставно, туку го оспори начинот на кој треба да се спроведува забраната, што во пракса би барало проверка на возраста на секој корисник на социјална мрежа, вклучително и на возрасните.

„Со забраната за пристап на малолетници под 15 години до одредени интернет услуги, законот нужно бара секое лице, дури и возрасно лице, да ја докаже својата возраст пред да пристапи до тие услуги“, се наведува во одлуката.

Сепак, законот не ги прецизираше доволно прецизно условите и ограничувањата на таквата проверка. Уставниот совет заклучи дека законодавецот не ги обезбедил законските гаранции потребни за заштита на слободата на изразување.

Францускиот парламент го усвои законот минатиот месец и тој требаше на децата под 15 години требаше да им забрани пристап до социјалните мрежи, а спроведувањето на мерката нужно би подразбирало проверка на возраста на корисниците.

Доколку забраната поминеше низ уставен преглед, Франција ќе станеше првата земја од Европската Унија со вакво ограничување. Слична мерка веќе е во сила во Австралија, каде што на лицата под 16 години им е забранет пристап до голем број социјални мрежи.

Елисејската палата објави дека Макрон е решен изменетиот закон да стапи во сила пред претседателските избори, што треба да се одржат во текот на пролетта 2027 година. Макрон не може повторно да се кандидира на тие избори поради уставното ограничување од два последователни мандати.

ПредходнаРим доби нова туристичка атракција: Нероновиот мост „исплива“ од водите на Тибар
Следна„Промена во протокот на енергија“ остави без струја четири земји во Централна Азија