дома Технологии Масовен откуп на книги од антикварниците, технолошките компании првоосомничени купувачи  

Масовен откуп на книги од антикварниците, технолошките компании првоосомничени купувачи  

Антикварниците за книги во Велика Британија и Ирска бележат пораст на нарачките на големо од мистериозни купувачи, што ги поттикнува сомнежите дека технолошките компании собираат податоци за развој на вештачка интелигенција.

Продавачите на стари книги за „Гардијан“ изјавиле дека ваквите нарачки доаѓаат од САД, Канада, Европа и Велика Британија, како и дека ист тренд бележат и нивните колеги од Австралија.

Стјуарт Менли, косопственик на антикварница од Англија, вели дека зачестените нарачки почнале да пристигнуваат пред три месеци. Тој објаснува дека тие се невообичаени затоа што не ги следат вообичаените тематски единици, како што се спорт или автомобилизам.

„Дефинитивно е чудна комбинацијата на книги. Нарачките обично се тематски и тоа сосема случајни“, додава Менли.

Една неодамнешна нарачка вклучувала естонски превод на „Мисионерска песна“ од Џон ле Каре, копија од „Агнес Греј“ од Ан Бронте од одреден издавач и октомвриското издание на месечното списание „Воен брод“ од 1983 година. Менли додава дека продал стотици случајно избрани книги на тројца клиенти, во вкупна вредност од околу 4.000 фунти.

Џим Шонеси, сопственик на антикварница од Ирска, потврдува дека неговата компанија добива големи и разновидни нарачки од мај.

„Нарачките се спорадични и се чини дека се генерирани од машина. Тие немаат заедничка тема: од книги за земјоделски алатки во Африка од 18-от век, до биографии на возачи на тркачки автомобили од 50-тите години на минатиот век“, рече Шонеси. „Јас лично не мислам дека имаме право да одлучуваме што прават клиентите со книгите, но е многу интересно да се види точно што избираат“, додаде тој.

Дејвид Гауер-Спенс, исто така сопственик на антикварница за книги од Англија, вели дека добил голем број нарачки за околу 200 книги помеѓу мај и јули.

Меѓу купувачите била е „Зум Букс“ со седиште во Канада, кој се опишува себеси како „водечка компанија за рециклирање книги во Северна Америка“.

Еден британски продавач, кој побарал да остане анонимен, објаснува дека случајните нарачки понекогаш доаѓаат од различни клиенти, но сите се доставуваат на истата адреса. „Идентитетите зад овие нарачки се многу нејасни, дури и за искусни продавачи“, вели тој.

Поштенскиот код за испорака што го користат неколку клиенти води до комплекс од магацини за товар во близина на лондонскиот аеродром Хитроу. Истиот продавач, кој од јануари добил нарачки за 6.000 книги во вредност од илјадници фунти од такви клиенти, вели дека плаќаат полна цена и не бараат попуст.

„Гардијан“ претходно овој месец објави дека австралиските продавачи на книги исто така се соочуваат со пораст на нарачките.

„Мојата теорија е дека тука се трошат огромни суми пари од секторот за вештачка интелигенција“, изјави Менли за лондонскиот весник.

Ваквите информации доаѓаат по откритието дека компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“ потрошила милиони долари на книги што ги скенирала само за да собира податоци.

„Вашингтон пост“ неодамна објави дека „Антропик“, една од водечките компании за вештачка интелигенција и креатор на четботот Клод, потрошила десетици милиони долари за книги. Тие ја скенирале содржината од купените книги, кои потоа ги испратиле на рециклирање.

Меѓутоа, „Антропик“ ги негираше ваквите наводи.

„Клод е обучен на комбинација од јавно достапни онлајн податоци, комерцијално стекнати бази на податоци и податоци што самите ги создаваме. Стекнувањето книги е вообичаен пристап во индустријата за вештачка интелигенција за обука на големи јазични модели. Ниту една од нашите програми за стекнување податоци не вклучува купување или уништување на ретки или антикварни книги“, се вели во соопштението на компанијата.

Технолошкиот портал 404 Media минатиот месец објави дека една база на податоци за книги, ISBNdb, им кажала на трговците на мало дека „најдобрите податоци за обука за вештачка интелигенција во светот се наоѓаат на полиците“. Во пораката се додава дека книгите објавени пред 2022 година се идеални, бидејќи нивниот текст не е „загаден“ со содржина што можела да биде генерирана од четботови.

ISBNdb подоцна разјасни дека извештајот е базиран на веб-страница што служела само како „тест за интерес на пазарот“ и оттогаш е отстранета. Алатките за вештачка интелигенција како четботовите „тренираат“ на огромни количини на податоци за да генерираат одговори. Затоа, технолошките компании постојано бараат нови извори на материјал за развој на понапредни модели. Користените книги, од кои многу се објавени децении пред ChatGPT и не се дигитализирани, претставуваат потенцијален извор на свежи, неискористени податоци.

На онлајн форум за продажба на книги, еден корисник напиша: „Штета е што сите овие книги се за обука на вештачка интелигенција, што значи дека ќе ги уништат своите корици и ќе завршат како старо железо“. Други изразија збунетост поради непредвидливоста на нарачките.

Некои се прашуваат дали целта е навистина да се обучи вештачка интелигенција, бидејќи се нарачуваат книги кои долго време се слободно достапни онлајн, како што е „Гуливеровите патувања“ од 1726 година. Нарачките најчесто се прават преку платформи како што се „Библио“и „ЕјбиБукс“, кои се во сопственост на „Амазон“.

ПредходнаУкраински напади врз цели во рускиот град Самара