
Во суд во Калифорнија денеска започна судски процес против Мета, компанијата сопственик на Фејсбук и Инстаграм, во кои 29 американски сојузни држави го тужат технолошкиот гигант затоа што сметаат дека неговите социјални мрежи предизвикуваат зависност за децата. Државите-тужители бараат компанијата да биде казнета со 1,4 трилиони долари, но и да изврши структурни промени во своите социјлни мрежи.
Случајот беше покренат во октомври 2023 година под обвинувања дека Мета наводно намерно ги дизајнирала Фејсбук и Инстаграм на начин што ќе предизвика зависност кај децата и тинејџерите, како и дека знаела оти одредени функции на социјалните мрежи би можеле да му наштетат на ментално здравје на младите.
Државите се обидуваат да докажат дека Мета создала дизајн на производ наменет да ги задржи младите луѓе на платформата што е можно подолго и не успеала соодветно да ги реши ризиците за таа популација.
Станува збор за повеќе функции, како бесконечно скролување, автоматско пуштање видеа, појавување известувањата што ги привлекуваат корисниците назад кон апликацијата, персонализирани препораки, функции што поттикнуваат социјална валидација и механизми што постојано презентираат нови содржини.
Тужителите тврдат дека ова не се случајни нуспроизводи, туку намерни избори на дизајн за максимизирање на ангажманот.
Државите тврдат и дека иако Мета официјално наведува дека Фејсбук и Инстаграм не се наменети за деца под 13 години, сепак компанијата не направила доволно за да ги држи овие деца подалеку од платформите.
Едно од наводите во тужбата се поврзува со федералниот Закон за заштита на приватноста на децата на интернет, кој предвидува ограничувања за собирање лични податоци од деца под 13 години без согласност на родителите.
Пресудата може да има далекусежни последици за Мета и другите технолошки компании.
Сепак, иако државите бараат казна за Мета од 1,4 трилиони долари, ма малку е веројатно дека Судот ќе одреди волку висока парична казна.
Мета ги отфрли ваквите обвинувања, најавувајќи дека ќе поднесе жалба на пресудата, доколку биде во корист на тужителите.
„Категорично не се согласуваме со овие обвинувања и сме уверени дека доказите ќе покажат оти со години сме посветени на поддршка на младите луѓе“, соопшти компанијата.
Ова не прва ваква тужна против Мета. Претходно годинава Суд во Ново Мексико ја прогласи Мета за одговорна за нанесување штета на децата и несоодветно справување со ризиците на своите платформи. Случајот на крајот резултираше со спогодба од приближно 810 милиони евра.
Во јули годинава, Евроспката комисијата објави дека утврдила оти дизајнот на Инстаграм и Фејсбук го крши Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), бидејќи одредени избори на дизајнот би можеле да поттикнат зависно однесување, при што како примери беа посочени бесконечно скролување, автоматско пуштање видеа, персонализирани препораки… Според Комисијата, ова може да претставува ризик за менталната и физичката благосостојба на малолетниците и другите ранливи корисници.




