Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) реагира на последната владина одлука за поевтинување на основните прехранбени производи, како и на донесувањето на Законот за данок на солидарност. Комората апелира претседателот на државата да не го потпишува указот за прогласување на Законот.
-СКСЗМ постојано лобираше и работи против предложениот Закон за данокот за солидарност, нагласувајќи дека овој Закон е непринципиелен, не се заснова на никаква релевантна анализа и апелира до сите надлежни институции да рефлектираат и да најдат алтернативни начини за ублажување на последиците од кризата. Но, и покрај сите реакции на СКСЗМ, Собранието го изгласа законот по брза постапка, со што уште еднаш се докажува дека правната сигурност на компаниите во Република Северна Македонија никогаш не е загарантирана и дека успешните компании кои работат прописно, придонесуваат во економскиот развој на земјата и кои се воедно најголемите даночни обврзници ќе бидат казнети за нивниот успех и поради лошото управување со кризата од страна на институциите, наведува Комората.
Според Комората, со овој Закон кој се применува ретроактивно, домашните компании не само што ќе бидат казнети со големи суми и нема да можат да ги реализираат планираните инвестиции, туку ќе бидат дестимулирани да работат на раст и развој во следните години што може дополнително да ја поттикне неформалната економија.
СКСЗМ оценува дека и Одлуката за поевтинување на производите за 10 проценти е многу штетна за компаниите.
-Слободната пазарна економија е доведена во прашање со многубројните интервенции на Владата, со што се стимулира сивата економија, а во меѓувреме целите на нашата земја се нејзино елиминирање, но и промовирање на слободната конкуренција. При донесување вакви одлуки, потребно е привремено да се укинат даноците или царинските стапки за да се избегне недостатокот на тие производи на пазарот, но и да се заштитат домашните производители. Со намалувањето на цените на овие производи, квалитетот на производите е загрозен, со што домашните производители ќе мора да работат со загуба, наведуваат од СКСЗМ.