дома Популарно Силна кохезија меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за неприфаќање уставни измени под бугарски...

Силна кохезија меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за неприфаќање уставни измени под бугарски диктат, велат од партијата

126

ВМРО-ДПМНЕ вечерва во партиското седиште одржа редовна седница на Централниот комитет на која, како што информира партијата, теми се актуелната политичка и економската состојба.

„Се реафирмираа ставовите кои беа изнесени во јавноста минатите денови, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ го осуети планот на власта, на оската ДУИ – СДС и поранешни функционери на опозицијата кои одлучиле да се стават на нивно располагање, преку валкани дилови за причини само ним познати, а кои директно ќе одат на штета на македонскиот народ. Дополнително, се потврди силната кохезија која ја има пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, од почеток до крај сите 44 пратеници, во однос на неприфаќање уставни измени под бугарски диктат. Воедно, падна во вода и тезата која власта ја пласираше години наназад во јавноста дека партијата ја раководат други лица, затоа што различностите се очигледни денес“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението опозициската партија наведува дека  ќе биде „главен партнер на идната влада која ќе ги донесе промените кои и се неопходни на Македонија“, а потоа, како што наведува „ќе следува одговорност за сите кои во различни сфери и области направиле голема штета на Македонија“.

Претходно, и пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, за „Тема на денот“ во дневникот на Сител, изјави дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е да се победи оваа власт и да се издржи на ставот против уставни измени под бугарски диктат.

„Да се фокусираме на тоа да ја поразиме власта и да кажеме дека и со Груевски и без него уставните измени нема да поминат“, изјави Милошоски прашан за случувањата со поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека она што Мицкоски го соопштил за тајните преговори било врз основа на сериозни сознанија и документи кои ги имале СДСМ, ДУИ и Груевски.

Милошоски потенцираше дека сите работи кои странично се развиваат, вклучително и преписката со Груевски, се дел од тоа да се обзнани тоа што се дознава кои актери на политичката сцена во Македонија или надвор се обидуваат да удрат на ВМРО-ДПМНЕ и да направат фрагментација се со цел да се овозможат уставни измени.

„Сакаме да порачаме дека тоа нема да се случи без разлика кого ќе вклучат во оваа игра“, истакна Милошоски.

Милошоски посочи дека целта на СДС, ДУИ и оние нивни високи функционери кои имале во изминативе 8 месеци директна или индиректна комуникација со Груевски била двојна.

„Прво да се овозможи измена на Кривичниот законик со европско знаменце за да се олеснат одредени предмети каде што тој е засегнат, и второ за возврат тој да им овозможи внатре во ВМРО-ДПМНЕ а направи одредена фрагментација, а со тоа и да привлече да убеди пратеници да му помогнат на СДС и ДУИ за уставни измени. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски одлучија да стават крај на оваа неколку месечна соработка на релација Ковачевски – Ахмети – Будимпешта“, рече тој.

Груевски, пак, денеска недвосмислено ги негираше обвинувањата и порача дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да го смени ставот за уставните измени.

 

– Реклама –

ПредходнаПогазувањето на Повелбата во случајот со Србија за Косово е еден од претходниците на бројните проблеми денес
СледнаДневен хороскоп за петок, 22-ри септември 2023-та