Војната во Украина го забави економскиот раст во Европа и „значително“ ја поттикна инфлацијата, а последиците ќе бидат уште потешки за неколку години, покажа во петокот објавената студија на швајцарската централна банка.
Од влегувањето на руските трупи во Украина минатиот февруари, Европа бележи скок на цените на енергијата, превирања на финансиските пазари и остар пад во руската и украинската економија, се вели во извештајот.
Анализирајќи го влијанието на војната врз економиите на Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Швајцарија, студијата покажа дека доколку Русија не ја нападнеше Украина, активноста ќе беше за 0,1 до 0,7 отсто поголема во четвртиот квартал од минатата година.
Инфлацијата, мерена преку индексот на потрошувачките цени, во овие земји би била пониска за 0,2 до 0,4 отсто, се наведува натаму во извештајот.
„Негативните последици од војната веројатно ќе бидат далеку поголеми на среден и долг рок, особено во реалната економија. За една до две години овој ефект веројатно ќе биде приближно двојно посилен“, се заклучува во студијата на швајцарската централна банка.
Во Европа, најтешко беше погодена Германија, чиј бруто домашен производ (БДП) ќе бил за 0,7 отсто повисок, а инфлацијата за 0,4 отсто пониска во четвртиот квартал од 2022 година, доколку Русија не ја нападнеше или ѝ закануваше Украина, се вели во студијата.
Британскиот БДП, исто така, би бил повисок за 0,7 отсто, а инфлацијата пониска за 0,2 отсто. Франција би имала инфлација пониска за 0,3 отсто, а БДП повисок за 0,1 отсто, додека во Италија инфлацијата би била послаба за 0,2 отсто, а БДП повисок за 0,3 отсто. Швајцарскиот БДП, исто така, би бил повисок за 0,3 отсто, додека инфлацијата би била послаба за 0,4 отсто доколку немало војна, се додава во студијата.
Според пресметките, војната негативно се одразила и на САД, чија економија во четвртиот квартал од минатата година би била посилна за 1,3 отсто, а инфлацијата би била послаба за 0,4 отсто доколку руските војници не влегоа во Украина, стои во извештајот на швајцарската национална банка.