дома Економија Американскиот регулатор бара проверки на авионските мотори поради можни лажни сертификати

Американскиот регулатор бара проверки на авионските мотори поради можни лажни сертификати

61

Американската федерална управа за авијација FAA предупреди дека некои модели на млазни мотори CF6 на производителот „General Electric“ може да содржат делови со лажни сертификати, барајќи од сопствениците да ги проверат авионите и залихите од резервни делови.

Компанијата „AOG Technics“ со седиште во Велика Британија продавала изолатори за моторите CF6 на GE без лиценца, предупреди FAA.

Производителот на млазни мотори „CFM International“ во средата изјави дека „AOG Technics“ можеби продала илјадници делови од моторот со фалсификувана документација.

Има сомнежи дека делови за мотори CFM56, произведени од „GE-Safran CFM“, и за многу мал број мотори CF6, кои главно се користат за напојување на товарни авиони и се произведени од „General Electric“, може да се продадени без сертификат.

До понеделник било утврдено дека околу 96 мотори може да содржат делови со фалсификувана документација, соопшти CFM.

Метју Рив, адвокат на CFM и неговите косопственици „General Electric“ и „GE-Safran CFM“, во поднесоците во Високиот суд во Лондон рече дека досега идентификувале два фалсификувани формулари на FAA за „стотици“ делови од моторот CF6.

Овој мотор се користи главно од товарни авиони, вклучувајќи го и огромното мнозинство на товарни авиони Боинг 767 и воените авиони за полнење гориво KC-767 во флотите на Италија и Јапонија.

Доколку се најдат делови со лажен сертификат во моторите CF6, сопствениците и операторите на авионите мора да ги отстранат и зачуваат, соопшти американскиот регулатор.

Портпаролот на GE рече дека тие го поддржуваат предупредувањето на FAA и учествуваат во истрагите на американските и странските регулатори за наводите дека „AOG Technics“ продавала делови со фалсификувана документација.

„Продолжуваме да работиме со нашите клиенти за да ја процениме автентичноста на документацијата за деловите што пристигнаа од AOG Technics“, рече портпаролот на американскиот гигант.

Од „AOG Technics“ не одговориле до петокот на барањето на агенцијата Reuters да ги коментира истрагите.

Адвокатите кои го застапуваат „AOG Technics“ и нејзиниот директор Хозе Замора Ирал во средата изјавија дека обвинетите „целосно соработуваат“ со истрагата на Управата за цивилно воздухопловство на Обединетото Кралство (CАА).

Во четвртокот, европските регулатори објавија дека ги истражуваат наводите од извештајот дека некои делови испорачани од „AOG Technics“ без валидни сертификати биле пронајдени во моторите CFM56 вградени во некои авиони на производителите „Airbus“ и „Boeing“.

Застапниците на „AOG Technics“ на судското рочиште не одговорија на наводите за фалсификување документи, бидејќи темата беа процедурални прашања.

По објавувањето, авиокомпаниите сменија делови на десетици авиони. Досегашните измени опфатија само дел од вкупно 23.000 мотори CFM56.



ПредходнаБитиќи во Њу Џерси: Државната поддршка за инвестиции е потпора и за пазарните успеси на македонските компании во САД
СледнаЕкономските последици од војната ќе бидат уште потешки за неколку години