дома Економија Остар пад на цените на станбените недвижности во Германија

Остар пад на цените на станбените недвижности во Германија

62

Цените на станбените недвижности во Германија нагло паднаа во вториот квартал годинава, покажаа во петокот објаените податоците на заводот за статистика, како одраз на влијанието на високите каматни стапки врз побарувачката.

Цените на недвижностите потонаа во периодот од април до јуни за 9,9 отсто во споредба со истиот период минатата година, што е најсилно откако Destatis почна да собира податоци во 2000 година.

На квартално ниво тие се намалени за 1,5 отсто.

Во градовите како Берлин, Хамбург и Минхен становите се поевтини за 9,8 отсто во однос на вториот минатогодишен квартал, а семејните куќи за 12,6 отсто.

Поблаг пад на цените е забележан во ретко населените рурални средини, па становите таму поевтинија за 7,0 отсто, а семејните куќи за 8,1 отсто.

Цените на станбените недвижности во Германија паѓаат од крајот на минатата година, покажуваат податоците на Destatis, кои откриваат продлабочување на падот, за 3,6 отсто во четвртиот квартал од минатата година и за 6,8 отсто во првите три месеца од оваа година.

Падот на цените го одразува слабеењето на побарувачката под притисок на високите каматни стапки, што го натера водечкиот германски инвеститор за недвижнини „Vonovia“ да ги одложи плановите за изградба на 60.000 станови.

Компанијата ги истакнува и високите трошоци за изградба, коишто, според портпаролката, се зголемени од околу три илјади евра за метар квадратен на околу пет илјади евра за метар квадратен.



ПредходнаДанокот за солидарност удира на егзистенцијата на 180 компании
СледнаБитиќи во Њу Џерси: Државната поддршка за инвестиции е потпора и за пазарните успеси на македонските компании во САД