Поради студеното време што зафати голем дел од Европа, утрово нагло порасна цената на гасот, која и онака беше висока во изминатите месеци, како последица на војната на Блискиот Исток.
На водечкиот пазар за термински „фјучерси“ договори во Амстердам, цената на гасот на почетокот на денешното тргување се зголеми за речиси 9 отсто, достигнувајќи над 96 евра за мегават-час. Но, во наредните часови цената падна, па сега гасот се продава за околу 90,70 евра за мегават час, што е за над шест проценти пониска цена на месечно ниво.
Во петокот, на затворањето на берзата во Амстердам гасот чинеше 88,45 евра за мегават-час.
Доколку продоложи ваквиот тренд природниот гас е на пат да поскапи трет ден по ред, додека Европа влегува во зимскиот период, кога цените традиционално го достигнуваат својот врв.
Иако метеоролозите првично предвидуваа студен бран што би траел само оваа недела, по што би следели температури повисоки од вообичаените за овој период од годината, новите прогнози укажуваат на тоа дека студеното време во северозападна Европа би можело да потрае сè до почетокот на декември.
Во исто време, во повеќе земји се очекува и слаб ветер, што значи дека ветерните турбини ќе произведуваат помалку електрична енергија. Поради тоа, ќе бидат потребни поголеми количества гас и тоа не само за греење, туку и за производство на струја.
Дополнително, војната на САД против Иран продолжува да влијае врз цените на гасот. Како резултат на тоа, трговијата со течен природен гас (ЛНГ) преку Ормуцкиот теснец, особено онаа што доаѓа од Катар, останува попречена. Кон крајот на октомври, поради овој конфликт, цената на гасот во Европа првпат по енергетската криза од 2022 година надмина 100 евра за мегават час.

