дома Култура ,,Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа“, 47 години...

,,Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа“, 47 години од смртта на Никола Бадев

69

Изминаа 47 години од смртта на Никола Бадев, големиот народен уметник, легендата на македонската изворна народна песна, потсетија денеска од Музеј галеријата во Кавадарци.

– Иако од 1976 година физички веќе не е меѓу нас, Никола Бадев живее преку песната, живее во сеќавањата на неговите современици, живее во срцата на сите љубители на македонската народна песна. Никола Бадев е исклучитена личност, интерпретатор кој високо ја крена и ja прослави македонската народна песна и со тоа остави неизбришливи траги во македонското културно наследство. Испеаните песни се молитва и огледало на неговата душа, нагласија од Музејот.

Никола Бадев почина во Скопје на денешен ден, на 58 годишна возраст.

„Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа“, имал обичај да каже Бадев, потсетија од оваа културна установа, велејќи за него дека ,,тивко пееше, далеку се слушаше”.

Томе Крстевски, виш кустос етнолог во Музеј галеријата, во изјава за МИА, се осврна на животот и делото на баронот на народна музика, Бадев.

– ,,Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа”. Ова се зборовите на големиот народен уметник, легендата на македонската изворна народна песна, Бадев. Иако физички веќе не е меѓу нас, Бадев живее преку песната, живее во сеќавањата на неговите современици, живее во срцата на сите љубители на македонската народна песна, рече Крстевски.

Роден бил на 26 октомври 1918 година во кавадаречкото село Глишиќ, место каде што луѓето, како што додаде Крстевски, ги красат питомост, ведрина и надареност за песна и свирка.

– Во таа прекрасна средина озарена од сонце и топлина, во милје од бавчанџилак, тутун, гроздобер, афион, свадби, ора, серенади, песнопојни родители, стрини, вујковци, песната ја богатела неговата детска душа, зреел и се формирал уметникот во него, нагласи Крстевски.

Во 1948 година, веднаш по аудицијата за млади таленти, Бадев дебитирал на програмата на Радио Скопје, со што започнала неговата блескава кариера како уметник и станал една од легендите меѓу интерпретаторите и афирматорите на македонската народна песна.

– Репертоарот на Бадев е обемен и разновиден. За музичката продукција на Радио Скопје, односно МРТВ има снимено над 200 песни со најразлични содржини и околу 100 грамофонски плочи за дискографските куќи од поранешна СФРЈ, како и во земјите во кои живеат македонски иселеници. Со исклучителен сензибилитет ги испеа македонските најлирски песни, не водеше по сокаци, на чардаци, ни пееше за копнежот на вљубените, оживуваше ликови, војводи и народни херои, продре меѓу народот со својот кадифен глас, нагласи Крстевски.

Ја обиколил земјата и светот многу пати.

– Беше вистински народен пејач, национално име, ја имаше таа сила да возбуди и расплаче со интерпретацијата на македонските песни, вистински мали химни од мерак, љубов, елегија и носталгија. Бадев е исклучитена личност, интерпретатор кој високо ја крена и ја прослави македонската народна песна и со тоа, остави неизбришливи траги во македонското културно наследство. Испеаните песни се молитва и огледало на неговата душа, рече Крстевски.

Крстевски потсети дека на 26 октомври 2018 година, кога се навршија 100 години од раѓањето на Бадев, во Музејот на мирис и вкус беше свечено отворена спомен соба посветена на овој великан.

Во собата се експонирани лични предмети на Бадев, фотографии од неговите турнеи низ целиот свет, плочи, народни инструменти, награди и негова биста во природна големина, изработена од неговата внука Елена Рафајловска.

– На овој начин нашиот град и нашиот музеј му оддаваат почит на овој великан и неговото дело. Истовремено ја извршуваме нашата морална и професионална обврска, а тоа е заштита, промоција и афирмација на нашето културно, уметничко, историско и духовно наследство, подвлече етнологот.

А Бадев, додаде тој, е несомнено нераскинлив дел од нашето огромно материјално и нематеријално културно богатство, амбасадор на нашата прекрасна македонска народна музика низ целиот свет.

– Продолжуваме и понатаму со афирмација на нашиот великан и неговото дело пред посетители од сите страни на светот, но и пренесување континуирано на нашата историја на помладите генерации. Од мое лично име и од името на нашиот музеј, сакам да ја искористам оваа прилика и јавно да се заблагодарам на ќерките на Бадев, Роска и Сузана, кои несебично ги донираа личните предмети на својот татко, на нашиот град и музеј, нагласи Крстевски.

Текст: МИА
Фото: Музеј галерија Кавадарци

– Реклама –

ПредходнаНаскоро ќе има закон за декарбонизација
СледнаМаркетите немаа доволно време да се „престројат“, затворањето треба да e последна опција на институциите