Германскиот канцелар Олаф Шолц предупреди на сериозни последици од победата на Русија во Украина, неколку часа пред да замине во Вашингтон на средба со американскиот претседател Џо Бајден.
Во гостинска колумна во Wall Street Journal, Шолц ги предупреди сојузниците на Украина да не ја намалуваат воената поддршка за земјата, која речиси две години се бори против сеопфатната руска инвазија.
„Нашата порака е јасна: Мораме да направиме сè што можеме за да ја спречиме Русија да победи”, напиша Шолц.
„И покрај нашата поддршка, Украина наскоро би можела да се соочи со сериозен недостиг на оружје и муниција“, предупреди германскиот канцелар, додавајќи дека некои финансиски обврски веќе се истечени, а други треба да се продолжат.
„Долгорочните последици и трошоците од неуспехот да се запре агресијата на рускиот претседател Владимир Путин ќе ги засени сите инвестиции што ги правиме сега“, истакнува Шолц.
Посетата на Шолц на Вашингтон доаѓа во време кога американските републикански претставници во Конгресот ја блокираат натамошната американска помош за Украина. Шолц, исто така, се бори да убеди некои европски партнери да ја зголемат својата помош.
„Не правете грешка: руската победа во Украина не само што ќе го означи крајот на Украина како слободна, демократска и независна држава, туку и драматично ќе го промени лицето на Европа“, напиша Шолц.
„Ова ќе му нанесе сериозен удар на либералниот светски поредок. Бруталниот обид на Русија да заземе територии со сила може да послужи како план за другите авторитарни лидери ширум светот“, предупреди германскиот канцелар.
Пронајдете не на следниве мрежи: