дома Економија Деловната клима во Германија стабилна во септември

Деловната клима во Германија стабилна во септември

72

Расположението меѓу деловните челници во Германија се стабилизираше во септември по петмесечен период на влошување, објави во понеделникот институтот Ifo, заклучувајќи дека економијата „тапка во место“.

Индексот на деловната клима во септември изнесуваше 85,7 поени и е за 0,1 поен понизок од ревидираната вредност од август, објави минхенскиот институт.

„Германската економија тапка во место“, заклучи претседателот на Ifo, Клеменс Фуест во најновиот извештај.

Истражувањето покажало дека компаниите се понезадоволни од моменталната деловна состојба отколку во август, што се одразува со падот на соодветниот подиндекс од 89 на 88,7 поени.

Од друга страна, пак, нивниот песимизам во прогнозите за наредните месеци беше благо ублажен, па подиндексот на очекувањата благо порасна, за 0,2 поени во однос на август, на 82,9 поени.

Расположението меѓу менаџерите повторно се влошило во услужниот и градежниот сектор, а се подобрило во индустријата и трговијата, покажува истражувањето на Институтот чие седиште е во Минхен.

Индексот на градежниот сектор паднал на најниско ниво од јануари 2009 година, посочува Ifo, заедно со континуираното влошување на бизнисот и длабокиот песимизам во прогнозите за следниот период.

Водечка германска компанија за развој на недвижнини ги суспендираше плановите за изградба на 60.000 станови минатата седмица, предупредувајќи на високите каматни стапки и трошоците за изградба.

Синдикатот IG Bauen-Agrar-Umwelt (IGBAU) во понеделникот предупреди дека изградбата на станови во Германија е во опасност од колапс, барајќи од владата 50 милијарди евра стимул за овој сектор.

Клаус Вохрабе, шеф на истражувањето во Ifo, рече дека податоците најверојатно ќе покажат пад на економската активност во Германија во третиот квартал.

Најголемата европска економија се стабилизираше во вториот квартал, по рецесијата во зимскиот период.



ПредходнаКомандири и затвореници меѓусебно се поткупувале и си должеле пари?
СледнаГоривата поевтинуваат од полноќ | NetPress