дома Македонија Маркетите немаа доволно време да се „престројат“, затворањето треба да e последна...

Маркетите немаа доволно време да се „престројат“, затворањето треба да e последна опција на институциите

64

„Мерката е престрога, драконска, непотребна, предизвикува штети и тоа треба да биде последното нешто кон кое ќе прибегнат институциите. Многу беше кратко времето за кое маркетите можеа да се ‘престројат’ во однос на намалувањето на цените, особено зашто се работи за околу 1.200 артикли“, изјави денеска извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, коментирајќи го завчерашното затворање на повеќето ланци маркети во Скопје и Струга.

Според Пешев, затворањето никому не носи бенефит, особено не сега, кога се намалени цените.

Тој очекува уште денеска да се реши проблемот и маркетите повторно да почнат со работа.

„Учествував на двата состанока во Министерството, и со големите ланци на супермаркети и со дистрибутерите. Искажана беше подготвеност да се поддржи иницијативата за намалување за десет отсто на таа класа производи која беше важна за Министертсвото. Веројатно постојат некои пропусти, но во директна комуникација со министерот, а се надевам и денеска ќе имаме директни комуникации по координативниот состанок со ланците супермаркети, ќе се обидеме проблемот да го сведеме на некакво логично време кое ќе им се даде на маркетите да се прилагодат на мерката. Мислам дека никој тоа не го направил намерно и не треба да се злоупотреби. Иако се зборува за 75 класи артикли, цената требаше да им се смени на 1 200. Мерката е драконска, непотребна и предизвикува штети, а дека Министерството има можност да ги затвора објектите, веројатно има. Тоа треба да биде последната мерка кон која Министерството треба да прибегне“, рече Пешев, одговорајќи на новинарски прашања пред конференцијата „Водење бизнис со ЕУ – како да се постигне поинтензивна трговска соработка меѓу Северна Македонија и Полска“.

Не е добро, потенцира, супермаркетите да останат затворени, независно колку и да се.

„Се надевам дека во еден кооперативен дијалог во текот на денот ќе најдеме начин како барем објектите да почнат да работат и да се договориме во која динамика ќе се поправат недостатоците кои биле еветнуално востановени. Јас немам директен записник поради кои причини биле затворени супермаркетите, се надевам ќе имаме и информација. Динамично работиме, бевме во комуникација и вчера, во недела, ќе бидеме во комуникација и денеска. Не е добро да останат супермаркетите, колку и да се, затворени. Никому тоа не носи бенефит, особено сега кога се намалени цените“, подвлече извршниот директор на Комората.

Како што истакна Пешев, иако во текот на договарањето со компаниите околу поевтинувањето на производите Владата ветила дека ќе им каже која дата ќе биде земена како репер, тоа не го сторила, туку 1 август како датум го соопштила дополнително преку медиумите. Извршниот директор негира и дека над 90 отсто од решенијата што ги носи Владата се предлози од стопанските комори, како што во четвртокот рече министерот за економија Крешник Бектеши.

„Сме информирани, но финалните решенија ги слушаме како и вие, од одлуката на Владата. Беше договарано принципиелно, конкретно за последната мерка, за класа артикли кои спаѓаат во основни производи и најголем дел од ланците маркети тоа го кажаа – рекоа дека се подготвени, ако се работи за таа класа продукти кои директно влијаат на потрошувачката кошничка, солидарно, по пет отсто да намалат од своите маржи, за да поевтинат производите“, објасни Пешев и информира дека за да бидат цените намалени 10 отсто, за по пет отсто отстапиле и маркетите и дистрибутерите.

Завчера, директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски преку својот фејсбук профил објави дека се казнети и затворени повеќе ланци големи маркети во Скопје (Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел) и Струга. Трајковски порача дека секој мора да ги почитува законите и Одуките на Владата, како и дека нема да дозволи никој да ги манипулира и доведува во заблуда потрошувачите. Директорот на ДПИ апелира до сите трговци, дека нема да има компромис, ниту селекција во постапувањето кога е во прашање интересот на граѓаните.

МИА

– Реклама –

Предходна,,Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа“, 47 години од смртта на Никола Бадев
СледнаСтрумичката котлина се празни од иселување, а повеќе од 2000 нови работни места во рудникот Иловица чекаат правна разврска