дома Магазин Шакира по вторпат обвинета за затајување на данок, ѝ должи 6,7 милиони...

Шакира по вторпат обвинета за затајување на данок, ѝ должи 6,7 милиони евра на Шпанија

61

Колумбиската пејачка Шакира (46) се соочува со ново судење, поради обвинението дека на шпанските даночни власти им должи речиси 6,7 милиони евра. Шпанското државно обвинителство поднесе кривична пријава против пејачката пред судот во Барселона, пренесува „Асошиејтед прес“.

Поп-ѕвездата е обвинета дека не платила данок од 6,7 милиони евра за нејзиниот приход во 2018 година. Се тврди дека Шакира користела „офшор“ компанија со седиште каде има даночни бенефиции, за да избегне да го плати данокот. Во официјалното соопштение се вели дека таа е известена за обвиненијата во Мајами, каде што во моментов живее.

На Шакира веќе треба да ѝ се суди во Барселона на 20 ноември за посебен случај за затајување на данок во вкупна вредност од околу 14,5 милиони евра помеѓу 2012 и 2014 година.

Обвинителите во Барселона тврдат дека пејачката поминала повеќе од половина од периодот од 2012-2014 година во Шпанија и затоа требало да плати данок во земјата, иако нејзината официјална резиденција била на Бахамите.

Шпанските даночни службеници го отворија последниот случај против Шакира во јули. По разгледувањето на доказите собрани во последните два месеци, обвинителите одлучија да покренат нови обвиненија. Но, датумот за судење не е одреден.

Пејачката постојано изјави дека е невина во првиот случај и потврди дека била обврзана да плаќа данок на Бахамите во 2012, 2013 и 2014 година, а не во Шпанија. Но, таа вели дека во меѓувреме ги платила сите даноци плус каматата.

Шакира беше поврзана со Шпанија, откако започна љубовна врска со поранешниот фудбалер Жерар Пике. Двојката, која има два сина, живееше заедно во Барселона до минатата година, кога ставија крај на 11-годишната врска.



ПредходнаЌе има повеќе украински акции против Русија
СледнаДневен хороскоп за среда, 27-ми септември 2023-та