дома Култура По повод Денот на вљубените: Љубов, страст и фламенко со Македонска филхармонија

По повод Денот на вљубените: Љубов, страст и фламенко со Македонска филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија овој четврток, со почеток во 20 часот, ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, насловен „Љубов, страст- фламенко!“. Диригент е Кристијан Васкез од Венецуела, а како солистка ќе настапи фламенко пејачката Марина Ередија од Шпанија.
На програмата се дела од Лорка, Де Фаља и Гинастера.

„Оваа година, традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените го посветивме на исклучителната шпанска форма на танц, песна, инструментална изведба – неповторливото и секогаш возбудливо ФЛАМЕНКО! Во срцето на шпанското фламенко е т.н. „канте“, односно традиционалната форма на песна инспирирана од животот на Циганите во јужна Шпанија. Оваа форма на песна/пеење е динамичка, застрашувачка, екстатична, но во исто време и спонтана и медитативна. Во музиката има драматични промени на расположенија, динамика и темпо што бараат внимание и емпатија. Станува збор за т.н. „длабока песна“, како што ја нарекол познатиот шпански поет и композитор Федерико Гарсија Лорка“, велат од Филхармонија.

Родена во Гранада, Марина Ередија пее уште од нејзиното детство. На тринаесет години пее на фламенко-албумот за деца „Malgré la nuit“. Соработувала со познати шпански фламенко-уметници како Аркангел и Ева Јербабуена, и на уметнички проекти како во операта „De amore“ од Маурицио Сотело, која премиерно беше изведена во престижниот аудиториум „Карл Орф“ во Минхен и во театарот Зарзуела во Мадрид. Оттогаш нејзината кариера ја води на најзначајните светски сцени. За нејзиниот фламенко-албум со нови класични песни, ја доби наградата за најдобар фламенко-албум.

Кристијан Васкез е еден од најпрофилираните музички таленти од Венецуела, кој гради успешна интернационална кариера. Познат по својата харизма на сцената и по моќните изведби и музичкиот интегритет, Васкез продолжува да го привлекува вниманието на светската јавност како еден од највпечатливите диригенти на денешнината.

ПредходнаСАД ја подржуваат одлуката на ЕУ за заплена на руските замрзнати активи во полза на Украина
СледнаНа сопругата и плаќа 250.000 евра за да биде домаќинка