
Како што информираат од собраниската прес-служба, во своето обраќање пред украинските пратеници и високите гости, Митрески ја потврдил цврстата, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ и нагласил дека граѓаните на Република Северна Македонија се, и остануваат со граѓаните на Украина за сета помош и поддршка што е неопходна.
Митрески изразил цврсто уверување дека, како и досега низ историјата, демократските вредности ќе ја победат агресијата, а соработката ќе се насочи кон разговори за подобар животен стандард, просперитет и развој, културна соработка и размена.
Спикерот Митрески потенцирал дека денеска се собрани во Киев за да испратат пораки за мир, разбирање, толеранција и почитување на другиот, но и порака на обединетост на демократскиот свет во поддршката за Украина.
-Во исто време да испратиме исто толку силна порака дека демократскиот свет е обединет во поддршката на Украина во борбата за правда, одбрана на нејзината територија и одбрана од империјалните апетити на нејзиниот сосед, истакнал Митрески.
Тој оценил дека руската агресија врз Украина е предупредување за сите дека мирот, независноста и слободата не треба да се земаат здраво за готово.
-Но, сето ова зло, сета оваа неправда, не го уништи духот на Украина, не ја уништи волјата на храбриот украински народ да се спротивстави на оваа агресија и да се бори за територијалниот суверенитет на сопствената држава и за сопствената независна и слободна иднина, додал Митрески, стои во соопштението