дома Економија И француските земјоделски задруги ќе плаќаат минимален глобален данок

И француските земјоделски задруги ќе плаќаат минимален глобален данок

56

Француските земјоделски задруги со приход од над 750 милиони евра ќе треба да го платат и глобалниот минимален данок, најави министерот за финансии Бруно Ле Мер.

Презентирајќи го предлог-буџетот за 2024 година, Ле Мер откри дека новиот данок ќе го плаќаат и задругите, камен-темелникот на француската земјоделска индустрија.

Францускиот буџет за 2024 година вклучува и закони со кои од следната година ќе се пропишува минимален данок за компаниите, според договорот на речиси 140 земји од 2021 година. Договорот предвидува поделба на приходите од оданочување на мултинационалните дигитални компании меѓу земјите во кои работат и оданочување на компаниите со приход над 750 милиони евра, по стапка од најмалку 15 отсто.

Законски гледано, огромните земјоделски задруги во Франција не се компании и во моментов не плаќаат корпоративен данок, иако некои остваруваат приходи поголеми од милијарда евра.

„И земјоделските задруги би требало да бидат опфатени со минималниот (глобален) данок… Отворивме разговори со задругите за да утврдиме како најдобро да ги усогласат нивните досегашни привилегии со плаќањето на минималниот данок“, рече Ле Мер, поранешен министер за земјоделство, во францускиот парламент во средата.

Француското здружение на земјоделски задруги одби да ги коментира изјавите на министерот.

Меѓу најголемите задруги се „Sodiaal“ во млекарската индустрија, чијшто приход минатата година изнесувал 5,5 милијарди евра, производителот на шеќер и етанол „Tereos“, со приход од 6,6 милијарди евра, мултисекторската групација „Agrial“, со 7,2 милијарди евра и „Cooperl“, со 2,8 милијарди евра.

Се очекува минималниот глобален данок од 2026 година да ѝ донесе на државата приход од 1,5 милијарди евра годишно.

Целта на договорот за воведување глобален минимален данок е да се стави крај на конкуренцијата на земјите кои се обидуваат да ги привлечат компаниите и нивните инвестиции со ниски даноци. Дополнителен проблем се појави со појавата на дигиталните гиганти како „Amazon“ и „Google“, коишто заработката ја пријавуваа во земји со ниски даноци, без оглед на локацијата на клиентот.



ПредходнаОд полноќ нови цени на горивата
СледнаВИДЕО и ФОТО| Лука Дончиќ ги распамети Американците со својот „монструм“ на тркала