Порталот информира дека според Државната изборна комисија, со преброени 90 отсто од гласовите, Силјановска-Давкова, која е поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, извојувала победа со речиси 40 отсто.
Таа е далеку пред претседателот Стево Пендаровски од владејачките централно-левичарски Социјалдемократи (СДСМ), кој освои близу 20 отсто од гласовите. Двајцата ќе се соочат во вториот круг на 8 мај, но изгледите за Пендаровски не се добри, наведува Еурактив и потсетува дека истиот ден ќе има и парламентарни избори.
„Гласањето за главно церемонијалната претседателска функција нашироко се смета за лакмусов тест за парламентарните избори следниот месец на кои националистичката ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги собори владејачките проевропски и централно-левичарски социјалдемократи“, пишува порталот.
– Јасно е дека овој резултат е неверојатно инспиративен за мене, изјави Силјановска-Давкова за новинарите во средата навечер. „Знам само дека тоа што го ветувам ќе го спроведам на мој начин. Ова е почеток на нова ера“.
Пендаровски призна дека е изненаден од големата разлика.
„Очекувавме помалку (разлика), но утре е нов ден. Почнуваме од почеток“, изјави Пендаровски на новинарите. „Мојата задача е да го промовирам концептот во кој верувам: Држава која не е изолирана и која е интегрирана во Европа“.
Изборите дојдоа во време на двегодишен ќор-сокак меѓу владата и опозицијата околу тоа како да се справи со соседна Бугарија која го блокира нејзиниот пат кон членството во ЕУ. Односите меѓу Софија и Скопје се затегнати со години поради жестоки спорови околу сличните јазици и историја на двете земји, наведува Еурактив.
Во 2022 година, Бугарија се согласи на предлогот на тогашното француско претседателство со Советот на ЕУ за укинување на ветото за почеток на пристапните преговори на Скопје кога Северна Македонија ќе го додаде бугарското малцинство во уставот на земјата.
Пендаровски и СДСМ се подготвени да ги донесат амандманите, но немаат доволен број гласови во парламентот за да го направат тоа.
Партијата ВМРО-ДПМНЕ вели дека уставните промени можат да дојдат само откако Северна Македонија ќе влезе во ЕУ, став за кој владата вели дека е нереален.
Стари ривали
Долгогодишните политички ривали Пендаровски и Силјановска-Давкова, кои исто така се соочија на последните претседателски избори во 2019 година, предводеа преполно поле од седум кандидати.
Пендаровски и СДСМ ветија дека ќе ги отклучат закочените разговори со ЕУ и ќе ги водат уставните измени преку парламентот.
Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека Северна Македонија – која мораше да го смени името во 2018 година од Македонија за да го реши долгогодишниот спор со Грција – нема да дозволи да си поигруваат со неа околу ова прашање, пишува Еурактив.
Изгледа дека пораката одекна кај многумина кои бараат промена.
– Од овие избори очекувам целосна промена на власта и конечно да се заштитат интересите на Македонија, изјавил за АФП Филип Здравески (38) по гласањето во главниот град Скопје.
Меѓу петмината други кандидати беа министерот за надворешни работи Бујар Османи, поддржан од партијата на етничките Албанци ДУИ – партнер во владејачката коалиција кој освои 13 отсто – и Арбен Таравари од опозициската коалиција на етничките Албанци, со над девет отсто од гласовите.
ДУИ ја понуди својата поддршка во вториот круг под услов идните претседатели да бидат избрани од пратениците, за што се надева дека еден ден ќе доведе до тоа етнички Албанец да дојде на таа функција.
Албанците сочинуваат повеќе од една четвртина од населението во земјата од 1,8 милиони.
Пендаровски и Силјановска-Давкова ја отфрлија идејата, велејќи дека подемократски е шефот на државата да се избира со директно гласање, наведува Еурактив.