Кралството Норвешка денеска ѝ ја предаде донацијата од 76 неборбени моторни возила на земјава. На предавањето на возилата во касарната „Илинден“ во Скопје свои обраќања имаа министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на Норвешка за Северна Македонија, Кристин Мелсом и командантот на логистика на Вооружените сили на Кралството Норвешка Андрес Јернберг.
Министерката за обрана Петровска во своето излагање посочи дека Армијата минува низ сеопфатен процес на модернизација и секоја дополнителна поддршка од сојузниците е добредојдена. Таа истакна дека донацијата ќе придонесе за зголемување на борбената готовност на Армијата.
– Нашиот одбранбен буџет континуирано расте, но секоја дополнителна поддршка од нашите сојузници е добродојдена. Оваа норвешка донација од 76 неборбени моторни возила значително ќе придонесат за зголемување на транспортните можности на единиците на Армијата односно за нивната борбена готовност, рече Петровска.
Министерката се осврна на бројните проекти кои се реализираат со поддршка на Кралството Норвешка. Со поддршка на Кралството Норвешка, Петровска вели, земјава го изгради Регионалниот центар за односи со јавност, кој во моментов е во фаза на интензивен развој во НАТО школа за односи со јавност, за кој рече, придобивки ќе имаат двете земји, но и НАТО сојузниците.
– Со ваша поддршка го изградивме Регионалниот центар за односи со јавноста кој во моментов е во фаза на интензивен развој во НАТО школа за односи со јавност од кој придобивка ќе има и Македонија и Норвешка, но и нашите НАТО сојузници. Вие сте земја партнер во рамките на Балканските медицински сили чие постојано седиште е во Република Северна Македонија, рече Петровска.
Амбасадорката на Кралството Норвешка за Северна Македонија, Кристин Мелсом, истакна дека дипломатските врски меѓу двете земји се зајакнуваат последните 30 години, особено по приемот на земјава во НАТО Алијансата во 2020 година.
– Во последните години уште повеќе ја зајакнавме нашата врска со посетата на Командантот на Гардата на Неговото височество кралот и нашиот началник за одбрана г. Ајрик Кристоверсен, распоредувањето на македонскиот хируршки тим во Авганистан, меѓусебната размена на кадети, посетите на ваши офицери и на нашата бригада Север и на Здружениот оперативен штаб и уште неколку други проекти, рече Мелсом.
Дополнително ја истакна програмата за размена на кадети како еден од поважните заеднички проекти и посочувајќи на посветеноста на Северна Македонија кон Алијансата.
– Ја видовме посветеноста што ја покажавте кон Алијансата. Ја гледаме не само воената опрема што ја дадовте на Украина, туку и зголемениот број војници што ги имате распоредено во различни мисии. Вашата цел да распоредите 10 проценти од вашата армиска структура е импресивна, истакна Мелсом.
Бригадниот генерал Андрес Јернберг рече овој ден е од историско значење, бидејќи ја одбележува најголемата донација на воена опрема што Кралството Норвешка воопшто ја има направено за земја од Западен Балкан.
– Точно е дека 36-те лесни пешадиски возила и 40-те камиони од Норвешка кои штотуку пристигнаа во Северна Македонија ќе ги зајакнат вашите вооружени сили, но тие исто така се и доказ за нашата заедничка посветеност на поддршката на Украина и на сојузничкото одвраќање и одбрана. Всушност ова е одличен пример за тоа како треба да се врши одвраќање и одбрана преку логистичка соработка во рамките на НАТО, рече Јернберг.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во своето излагање истакна дека во Алијансата не се членува само заради придобивки и бенефиции, туку заради вредности и принципи. Ѓурчиновски истакна дека земјава ја поддржала вистинската страна во војната во Украина, и како што рече, тоа го препознала Норвешка.
– Бевме конкретни и јасно детерминирани и се определивме и ја поддржавме вистинската страна во војната. Свесни бевме за одговорностите. Не се членува само заради придобивките и бенефиции, туку заради вредности и принципи. Кралството точно ги воочи нашите заложби, направивме координација со ГШ и со началникот во мојата официјална посета на Норвешка и во седиштето во Брисел и како што беше истакнато ова е голем историски ден за нашите вооружени сили каде што сме сите сведоци и можеме да ги воочиме 76-те возила кои од утре ќе бидат на македонските патишта за потребите на вооружените сили, меѓутоа и за сите граѓани на нашата татковина, истакна Ѓурчиновски.