дома Свет Германија ги повика индустриски развиените земји да ги исполнат ветувањата за климата

Германија ги повика индустриски развиените земји да ги исполнат ветувањата за климата

40

  Германија ги повика индустриски развиените земји да ги исполнат своите ветувања за климата и да не ги намалуваат финансиските ресурси за земјите во развој.

– Ние во индустријализираните земји треба да продолжиме да ги исполнуваме нашите обврски, изјави шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок пред учесниците на состанокот на Петербуршкиот климатски дијалог во Берлин.

Таа вети дека Германија ќе продолжи да обезбедува повеќе од шест милијарди евра годишно за климатски проекти во земјите во развој во наредните години, и покрај негативното влијание врз државниот буџет поради војната во Украина.

– Нашите финансиски средства за животната средина достигнаа 6,4 милијарди евра и сакам да потврдам дека нашата цел за 2025 година е шест милијарди евра, иако се соочуваме со голем притисок врз буџетот како и многу други, наведе Бербок.

Таа додаде дека од клучно значење е развиените земји да им помогнат на земјите во развој.

– Ги охрабруваме другите индустриски земји да го следат нашиот пример за да продолжиме заедно да ја исполнуваме нашата посветеност од 100 милијарди за земјите во развој, како што конечно првпат направивме во 2022 година, истакна Бербок.

На дводневниот Петербуршки климатски дијалог присуствуваат политичари и климатски експерти од повеќе од 40 земји.

ПредходнаНема договор меѓу Белград и Приштина за користење на динарот, нова рунда преговори на 13 мај
СледнаБајден ја назначи Лиз Гранде за нов специјален пратеник за блискоисточни хуманитарни прашањa