Во соопштението објавено денеска се вели дека овие компании ловат ранливи мигранти со нудење сервиси чиј цел пред сѐ е овозможување незаконска имиграција во САД.
-Неколку компании обезбедуваат морски сообраќај и свесно овозможуваат незаконски транспорт на мигранти и ги изложуваат мигрантите на експлоатација и насилство, се вели во соопштението од американскиот Стејт департментот.
Оттаму наведуваат дека визните рестрикции промовираат одговорност за овие актери и испраќат сигнал дека никој не смее да профитира од ранливи мигранти, ниту криумчарите, ниту пак приватните компании или официјалните лица.
-САД ќе продолжат со мерките за визни рестрикции против безобѕирните сопственици на транспортни компании, раководители и службени лица како дел од пошироката стратегија за елиминација на практиките за експлоатација во рамките на и надвор од Западната хемисфера, и во соработка со партнери во владата и приватниот сектор, се вели во соопштението.
САД се судираат со историски зголемен приток на нелегална имиграција од Јужна Америка на американско-мексиканската граница. Проблемот со нелегалната имиграција е главна тема во предизборните кампањи во пресрет на претседателските избори закажани за во ноември, на кои најверојатно ќе учествуваат кандидатот на Републиканската партија Доналд Трамп и демократот Џо Бајден.