Наместо најмалку 6 отсто како што беше најавено пензионерите добија покачување од 5,3 отсто. Пензионерите најавуваат дека ќе продолжат со протестите сè до остварување на нивните барања за линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари месечно, продолжување на усогласувањето во согласност со новата методологија, воспоставена минатата година и одредување на минималната пензија во износ 80 отсто од минималната плата.
Со последното зголемување на пензиите од 5,3 отсто, оние со најниски пензии, кои во моментов изнесуваат 11.897 денари, ќе добијат дополнителни 700 денари, додека пак за оние со највисока пензија од 69.803 денари, според пресметките, би добиле зголемување од околу 3.700 денари.
– Процентот на зголемување на пензиите се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи. Согласно оваа методологија и податоците од Државниот завод за статистика, пензијата за месец септември е зголемена за 5,3%.
Од вкупно 336.806 пензионери, кои се евидентирани во ПИОМ заклучно со август, 97.033 примаат пензии до 13.300 денари, 66.454 пензионери имаат пензиски примања до 16.000 денари, а 86.719 – до 22.000 денари. Износи над 22.000 денари добиваат 92.600 пензионери и во оваа група се највисоките пензии, кои се од 48.304 до 69.803 денари.