Македонската репрезентација загуби на првиот натпревар во Торшавн со 27-34 и ќе има тешка задача да ја анулира предноста на противникот в недела на домашен терен во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19 часот.
„Нема да губиме надеж и ќе веруваме до крај. Имаме неколку дена да се консолидираме и да пробаме да ја анулираме негативата од седум голови. Ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш до сега. Ќе се бориме и веруваме во позитивен исход во недела“, изјави Лазаров за официјалниот сајт на Ракометната федерација на Македонија.
Анализирајќи го вчерашниот натпревар во Торшавн, селекторот Лазаров оцени дека победата на Фарски острови е сосема заслужена.
„Фарски Острови беше подобар противник на вчерашниот натпревар и заслужено победи. Ни направија многу проблеми и во нашиот напад каде бевме принудени да играме „седум на шест“ доста време, а не сакавме да играме на тој начин. Нивниот напад беше технички скоро перфектен, иако бевме спремни за нивниот систем на напаѓање, сепак истите работи поминуваа“, додаде Лазаров.