Објавено е новото прозно остварување на македонскиот писател Стефан Марковски, новелата „До_адната книга“, издание на „Современост“ – Скопје.
Како што соопшти издавачот, дејството во новелата е динамично, со разгранета, сложена и нелинеарно структурирана композиција, подлегнувајќи на постојани и тешко предвидливи пресврти, кои освен што ја одразуваат повеќеслојноста на самата реалност, ја наоѓаат својата улога и како дел од експериментот кој е и централна тема.
– Една од главните области на овој истражувачки експеримент е развивањето спефицични облици на вештачкоинтелигентна технологија чијашто цел, покрај другото, е и проучувањето на досадата, наспроти афинитетите и допаѓањата, со цел подлабинско и посеопфатно разбирање на човекот и човечкото, се вели во соопштението.
Драмската авторка Катерина Момева во освртот за делото пишува дека важноста на ова книжевно остварување е во постапките со кои целото е создадено, кои, како што наведува, се крајно инвентивни и невообичани, во обид да се прекршат некои постулати во книжевноста, а сепак доследно и консеквентно, искреирано со крајно истанчен вкус, со интелектуална префинетост која предизвикува оригинални естетички толкувања.
– Притоа темата која ја одбира и разработува е многу актуелна, бидејќи во последно време одредени движења за родова еднаквост се фокусирани на жртвата на жената и го исклучуваат мажот како можна жртва, особено на некои општествени движења. Отсликувањето на светот и неговите различни слоеви е изведено преку разни начини на разигрување на егото, суперегото и идот на централниот лик, и самите екстериоризирани во различни облици – еднаш како доктори, другпат како раскажувачи и револуционери по урнекот на Робеспјер, Дантон и Мара, наведува Момева.
„До_адната книга“ е дваесетта книга, но и прва новела на Марковски. Според меѓународната стандардизација, прозните дела кои се составени од помалку од 40 000 зборови спаѓаат во оваа книжевна категорија.