дома Култура Со конференција „Стратегии во уметноста“ почнува 15. сезона на „Креативен викенд”

Со конференција „Стратегии во уметноста“ почнува 15. сезона на „Креативен викенд”

31

  Петнаесеттата сезона на уметничката резиденција „Креативен викенд“ во Лазарополе ќе започне денеска со конференција насловена „Стратегии во уметноста“ и ќе се одржува во периодот до 22 мај на повеќе локации: Котур, Илика, СЦ Дуња, Ла Кања, Монтажна галерија, Буква, Бруталиск и „P_INN“.

Конференцијата ќе биде отворена вечерва во Котур со почеток од 19:00 часот, каде организаторите ќе ја најават програмата, како и овогодинешните учесници на „Стратегии во уметноста“. Првата и последната вечер ќе бидат зачинети со диџеј сесии на Балтик и Александар Ордев во Котур, како и Андреја Салпе и Теа Шалдева во „P_INN“.

– Целите на оваа конференција се да се види кој со што придонесува за уметничката сцена, да се укаже на слабостите и можните решенија, да се проговори за тоа што недостасува, и како би можела да се подобри инфраструктурата којашто им овозможува на уметниците подобар амбиент за нивното творење и поддршка на промоција на нивните дела во Македонија и надвор од неа, велат организаторите.

Како што стои во соопштението, на конференцијата свои аргументи и идеи ќе споделат професори и предавачи од Филолошкиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Факултетот за ликовни уметности, издавачките куќи „Темплум“ и „Илика“, музичарите Филип Букршлиев, Добрила и Дориан, Алембик, „Local Blue”, Андреј Татарчевски и Кристијан Новковски.

Дел од програмата се независните и самоодржливи колективи „Партизанска штампа”, КСП Центар „Јадро” и „Кула”, како и претставници на институции и здруженија како ДЛУМ, Национална галерија, МСУ, Кинотека и Фото сојуз на Македонија.

ПредходнаОбјавена новелата „До_адната книга“ од Стефан Марковски
СледнаЖалби до Управниот суд за изборните приговори, прва средба на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и Влен