дома Економија Станушината – единствената македонска автохтона сорта на грозје се враќа на винската...

Станушината – единствената македонска автохтона сорта на грозје се враќа на винската карта

40

  Отпорноста на суша, но и на болести, ја прави погодна за одгледување единствената македонска автохтона сорта на грозје – станушината. Некогаш подзаборавена и неправедно маргинализирана, таа се враќа меѓу лозјата во Тиквешко, најголемиот лозаровинарски регион во државата. За неа, експертите велат дека има уникатен генетски профил.

Станушината -  единствената македонска автохтона сорта на грозје се враќа на винската картаГоворејќи за историјата и за долгата традиција на одгледување на виновата лоза во земјава, во различни периоди, професор доктор Климе Белески од Земјоделскиот институт при Универзитет „Свети Кирил и Методиј” во Скопје, кој се занимава со станушината од 1993 година заедно со професорката Димовска, вели дека му е мило што конечно станушината го зазема вистинското место што треба да го има на винската карта.

Најмногу е застапена во Кавадарци, Бегниште, Ресава, Дисан, Дреново и Ваташа, сите во Тиквешкото виногорје, што се карактеризира со медитеранско континентална клима со изразити жешки лета, благи зими и најмала количина на врнежи и 270 сончеви денови. Надморската височина на ова виногорје се движи од околу 110 до 650 метри надморска височина. Теренот е главно брановиден, ридест и тоа се изразито лозарски терени погодни за одгледување на винова лоза.

Во насока на подобрување на квалитетот на грозјето, раководството на „Тиквеш“ преку низа активности, од кои дел е и оваа средба со лозарите, креира нова платформа за стратешка соработка со ло

Белески е дециден дека треба да продолжат истражувањата околу станушината. Целта е, како што нагласува, препознатливост, афирмација на тиквешкото виногорје, таа да биде наш македонски бренд.

– Препознатливоста на една винска земја се гради преку автохтоните локални сорти. Секој кој доаѓа однадвор, сака да проба нешто уникатно, автохтоно, карактеристично за поднебјето. Нашата нераскажана македонска винска приказна е токму во станушината, нагласува Белески.

Горан Јаковлевски, претседател на Здружението коешто работи на афирмација на македонските вина, во изјава за МИА изразува задоволство што расте интересот за производство на станушината во сите македонски региони, а истовремено расте интересот за виното од оваа сорта во земјава и странство.

– На нашето подрачје има неколку автентични сорти грозје што виреат и во регионот, но единствено станушината е наш македонски бренд на грозје, што вирее само на македонско тло и тоа токму тука во Тиквешкиот регион и никаде на друго место во светот. Нејзина главна карактеристика е издржливоста и отпорноста на суша, на штетници и токму тоа придонело и помогнало таа да опстане, иако долго време неправедно беше маргинализирана, подзаборавена, занемарена, пред се поради напливот на интернационални сорти на грозје, појаснува Јаковлевски.

Вели дека се прават сериозни чекори за враќање на станушината на нејзиниот пиедестал што, како што посочува, сосема оправдано го заслужува благодарение на нејзините уникатни својства и карактеристики.

– Македонскиот вински бисер се повеќе се афирмира. Станушината е нешто со што како нација треба да се гордееме, но истовремено и да се наметнеме на светската винска мапа затоа што навистина имаме една сорта на грозје и едно вино што нуди големо уживање за сите познавачи на вината. Се зголемува заинтересираноста за производство на грозје и вино од оваа сорта. Тие нудат убавина и уникатност. Се одликува со арома, елегантна светла боја, многу нешта што прават секоја голтка да ги буди сетилата и најубавите чувства, нагласува Јаковлевски.

Ден на „Станушина

Годинава за прв пат субвенциите по хектар лозов насад од оваа сорта се зголемуваат за околу шест илјади денари. Нашето барање е, додава Јаковлевски, тие субвенции да бидат дупло поголеми од субвенциите што државата ги дава за другите вински сорти.

Во наредниот период, како што посочува, ќе се утврдат микролокациите на кои ќе може да се одгледува оваа сорта, а истовремено ќе бараат државата да субвенционира и по литар вино од оваа сорта, произведуван од малите семејни винарии.

На виното „станушина” од семејната винарија Попови од Кавадарци има етикета „Момина солза”. Весна Чемерска Попова од винаријата „Попови“ појаснува дека името е дадено поради историско емотивен момент.

– Станушината е многу стара и отпорна сорта на грозје. Проживеала тешки моменти и долги времиња и се уште опстанала. Момина солза значи убава, фина и елегантна надворешност, но одвнатре многу голема јакост, храброст и силина. Така што, момина солза, девојка која плаче, не значи дека е слаба. Туку напротив, дека е јака, вели Попова.

Јордан Трајков, сопственик на винарија „Попова кула” од Демир Капија, открива дека неговиот дедо правел вино од станушина, а тој самиот кога бил студент, заедно со него,  секоја година полнеле по едно буре и самите си го пиеле до месец март.

– Со станушината се сретнав во тоа доба од мојот живот. Знаев дека е тоа наша сорта, знаев дека дедо ми отсекогаш правел вино од неа. Кога подоцна се одлучив за винарство, се подразбираше дека станушината мора да биде присутна. Визијата беше развој на винскиот туризам. Мисијата, да ги спасиме локалните и регионалните сорти од изумирање и да придонесеме, да ги промовираме тие сорти на глобално ниво, посочува Трајков.

Открива дека биле тешки почетоците за враќање на станушината. Во 2006 година на  состанок во Министерството за земјоделство, се зборувало само за винските сорти ,,вранец” и ,,смедеревка” и тогаш прашал што станува со станушината на што еден постар колега му рекол дека станушината нема боја, нема вкус и дека не ја бива.

– Се дрзнав да му кажам, дека нема тело како Мајк Тајсон, ама има тело како Наоми Кембел. Дека има аристократски нежна боја, на мирисите и вкусовите е исклучително сензуална, дека е тоа ,,македонско девојче”, наша принцеза и дека баш затоа треба да ја негуваме и чуваме, се потсетува Трајков.

Изменет и редуциран сообраќаен режим на движење и паркирање ќе има во Кавадарци за време на „Тиквешки гроздобер

Факт, е, вели, дека станушината во масовното производство не дава резултати. Станушината сака да биде третирана како принцеза, појаснува Трајков.

– Таа сака да биде во мали ферментатори, да биде добро третирана. Ќе те чека на лозјето, ќе те чека таму и ќе издржи се, меѓутоа, еднаш кога ќе дојде дома, да ја третираме како принцеза, како што треба. Бара многу поголемо внимание во винаријата и тоа е можно само кај мали винарии, со мали капацитети за производство, бара посебно внимание, додава Трајков.

Во поново време, како што раскажува, не било тешко само да се убедат луѓето во квалитетот на грозјето од оваа сорта, туку и во квалитетот на виното произведено од станушината.

– Се надевам дека ќе се смени сето тоа, дека ќе успее станушината да биде на местото што го заслужува, на еден пиедестал, како една стара македонска убава сорта, што има неверојатен потенцијал, вели Трајков, додавајќи дека голем дел од нас не ги знаат вистинските вредности на домашните производи. Се надева дека ваквата перцепција ќе се смени кај новите генерации и дека тие ќе знаат да го ценат домашното.

ПредходнаКако да се упропасти разговор за работа во првите 10 секунди?
СледнаБројот на загинати во рускиот напад на трговскиот центар во Харков се искачи на 11 лица