дома Без филтер САД добиле уверување дека Сeверна Макеодонија ќе оди по европскиот пат

САД добиле уверување дека Сeверна Макеодонија ќе оди по европскиот пат

36

И Грција очекува северната сосетка да се врати на вистинскиот пат – додека РСМ не го промени ставот европскиот пат ќе остане затворен и меморандумите нема да бидат ратификувани, порачува Мицотакис.

Во разговорот посветен на клучниот момент во кој се наоѓа Западен Балкан, на регионалната стабилност и безбедност, на процесот за пристапувањето во ЕУ, нотирани се напорите на САД за стабилен и безбеден регион.

„Мислам дека Европа и САД многу јасно ја кажаа нашата позиција на претседателот по инаугурацијата дека целосно очекуваме оти Северна Македонија ќе продолжи по својот европски пат, ќе се посвети, ќе продолжи да биде посветена членка на НАТО, и верувајте ми, тие се посветена членка на НАТО. Добивме уверување од сите нивоа на партиското раководство на главната партија која победи на изборите, дека ќе останат посветени на европскиот пат“, одговори Ескобар.

Според него, постои сè поголем реализам дека нема друга алтернатива.

„Мислам дека ќе видиме и се надевам дека ќе видиме тој пат да продолжи да биде главна политичка цел на новата влада“, рече Ескобар.И на последниот брифинг со новинари, на 8-ми мај, Ескобар, порача дека очекува Северна Македонија да продолжи на патот на евроинтеграции без оглед на резултатите од изборите.

„Една од работите што сме многу среќни дека ја постигнавме, е тоа што неколку земји од Западен Балкан се солидно на патот кон евроатлантските интеграции, особено оние кои се членки на НАТО – Албанија, Северна Македонија и Црна Гора, кои се целосно ангажирани во целиот процес на пристапување кон Европската Унија. Уверен сум и се надевам дека без оглед на изборите во Северна Македонија, тој пат кон Европа ќе продолжи“, рече тогаш Ескобар.

На заминување од функцијата, тој изрази увереност дека политиките и програмите што во изминатите години биле поставени во Западен Балкан ќе му помогнат на регионот и во делот на помирувањето и во делот на евроатлантска интеграција на земјите.

Може скапо да чини

Прашањата околу извесноста на европскиот пат на РСМ влегоа во фокусот откако новата македонска претседателка во свечената изјава при чинот на инаугурација не го изговори уставното име на државата – Република Северна Македонија, туку само Македонија. Тоа во Грција предизвика бројни реакции и обвинувања за непочитување на Договорот од Преспа. Тие од вчера се надополнети и со медиумски реакции за изгледот на ажурираната официјална веб-страница на претседателската институција, каде не пишува „Претседател на Република Северна Македонија“.

„Тертип што може скапо да го чини Скопје“, се нотира во осврт во „Катимерини“ за таквиот потег, со потсетување за импликациите од непочитување на Договорот од Преспа.

Мериторен процес на интеграција

Два дена по инаугурирањето на функцијата, претседателката Гордана Сиљановска Давкова го прими шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир, а на средбата, според соопштението од претседателската прес-служба, таа „посочила на потребата за напредок во процесот кон членство во ЕУ, како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани”.

„Нашата иднина, според претседателката Сиљановска Давкова, несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности (…) Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји – членки на ЕУ. Во тој контекст, таа посочи на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхашките критериуми“, беше наведено во соопштението.

Враќање на вистинскиот пат

Грција очекува нејзината северна сосетка да се врати на вистинскиот пат. Премиерот Кирјакос Мицотакис, вчера во негови обраќања во Лерин и Костур се осврнал на Договорот од Преспа со критика дека новото раководство на соседната земја го „враќа времето назад“. Тој повторно предупредил дека европскиот пат ќе остане затворен и меморандумите нема да бидат ратификувани додека Северна Македонија не го промени ставот.

„Граѓаните на Северна Македонија не сакаат тензии или национализам. Посакувам и се надевам дека ќе се вратат на вистинскиот пат“, порачал Мицотакис .

Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис
Грчкиот премиер, Кирјакос МицотакисФотографија: Tayfun Salci/ZUMA Press/picture alliance

Евангелос Венизелос поранешен грчки министер, вицепремиер и професор по уставно право, на 17. Балкански собир во Солун истакнал дека Договорот од Преспа е неопходен и задолжителен.

„Има многу во Грција и Северна Македонија кои не се согласуваат со содржината на Договорот од Преспа или би претпочитале различни аранжмани за поединечни прашања. Но, Договорот е дел од меѓународното право, ги обврзува двете земји, беше прифатен од меѓународната заедница, доведе до членство на Северна Македонија во НАТО, беше поздравен од Советот за безбедност на ОН, доведе до промена на официјалното име со кое Северна Македонија е членка на ОН, и е основата на европската перспектива на Северна Македонија. Затоа, неговото почитување и имплементација, без разлика на внатрешно-политичките промени во двете земји, мора да се смета за неопходно и задолжително, согласно со меѓународното право“, порачал Венизелос.

 

ПредходнаБројот на загинати во рускиот напад на трговскиот центар во Харков се искачи на 11 лица
СледнаПреговорите на коалициските партнери за идната Влада во напредна фаза, средби на ВМРО-ДПМНЕ со Вреди и ЗНАМ