дома Култура На Столе Попов ќе му биде доделен „Златен објектив“ за 2024

На Столе Попов ќе му биде доделен „Златен објектив“ за 2024

46

   Во Кинотека на Македонија денеска ќе се одржи доделување на „Златниот објектив“ на големиот доајен на филмската уметност Столе Стојан Попов.

– Ова признание Попов го добива за својот исклучителен придонес во развојот на македонската кинематографија, плодното творештво и белегот што го остави во домашната филмска индустрија – како филмски автор, продуцент, сценарист и професор, влијателен и конструктивен во градењето на културните политики за развој на домашниот филм, соопшти Кинотека на Македонија.

По доделувањето на „Златниот објектив“ за 2024 година, Попов ќе говори за своето филмско творештво и работно искуство преку разговор, кој ќе биде модериран од Илинденка Петрушева, познат филмски критичар, автор и истражувач на историјата на македонската и светската кинематографија.

Истата вечер со почеток во 20 часот ќе се одржи проекција на „Тетовирање“ (1991), првиот игран филм создаден во независна Република Македонија кој, како што се наведува, несомнено, и по својата содржина, одличните актерски достигнувања, познатите реплики и многу други нешта е впечатливо и единствено филмско дело.

По проекцијата на филмот Столе Попов ќе одговара на прашања на публиката во Q&A сесија модерирана од Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков, режисери од помладата генерација и некогашни студенти на Попов кога тој беше професор на Факултетот за драмски уметности.

Оваа година Кинотеката ќе воведе уште едно признание, т.н. „Специјален Златен објектив“ наменето за луѓето кои професионално се занимаваат со филмска архивистика и кинотечна дејност. Добитник на специјалното признание на Кинотеката за 2024 година е Киро Велков, долгогодишен филмски техничар, киноапаратер и филмски архивист. Доделувањето на признанието за неговиот придонес во развој на кинотечната дејност ќе се одржи денеска во Кинотеката.

„Златниот објектив“ е признание кое Кинотеката, како национален филмски архив, го воведе пред повеќе од 15 години, а го доделува по повод роденденот на институцијата – 29 април 1974 година, кога е објавен Законот за формирање на кинотеката.

Ова признание е наменето за филмски автори и професионалци, кои преку својот работен ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Досегашни добитници на ова признание биле режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филсмките критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.

ПредходнаТарвари: Коалицијата „Вреди“ е најдобра гаранција дека ќе продолжи европскиот пат
СледнаГаши: Ќе се погрижам да го подигнам нивото на Собранието, да биде во служба на сите граѓани