На европските берзи цените на акциите паднаа во средата во претпладневното тргување, втор ден по ред, бидејќи инвеститорите се загрижени за растот на приносите од обврзниците.
Индексот на водечките европски акции STOXX 600 беше во минус од 0,2 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето, откако вчера забележа најголем дневен пад за еден месец. Лондонскиот FTSE индекс претпладнево загуби 0,23 отсто, на 8.235 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,43 отсто, на 18.596 поени, а париски CAC 0,46 отсто, на 8.020 поени.
На пазарот негативно влијае зголемувањето на приносите од обврзниците, бидејќи тоа ги поддржува стравувањата дека каматните стапки во светот ќе останат покачени подолг период од очекуваното.
Цените на акциите благо паднаа и на азиските берзи. Индексот на MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа беше намален за 0,8 отсто. Истовремено, јапонскиот Nikkei индекс ослабна за 0,8 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг паднаа меѓу 1,3 и 1,7 отсто. Во Шангај, пак, тие се зголемени за 0,1 отсто.
Благиот раст на цените на акциите во Шангај дојде откако Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја зголеми проценката за раст на кинеската економија оваа година од 4,6 на 5 проценти, благодарение на посилниот раст од очекуваниот во првиот квартал.
Во Австралија, пак, беше објавено дека во април потрошувачките цени пораснале за 3,6 отсто на годишно ниво, повеќе од еден месец претходно и повеќе од очекуваното.
Поради постојано високата инфлација, надежите за значително намалување на каматните стапки не само на австралиските, туку и на другите централни банки во светот исчезнаа.
„Доколку следи уште еден лош податок за инфлацијата, целосно ќе ја исклучиме можноста за намалување на каматните стапки од страна на австралиската централна банка на крајот на оваа година. Ако следат два лоши податоци, каматните стапки може да се зголемат“, пишуваат аналитичарите на ING во белешката до клиентите.
Инвеститорите не беа охрабрени од вчерашниот скок на индексот Nasdaq на нови рекордни нивоа, над 17.000 поени. Toa најмногу се должи на скокот од 7 отсто на цената на акцијата на „Nvidia“, најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција.
Тоа е причината зошто технолошкиот сектор вчера беше најголем добитник на њујоршки Волстрит. Сепак, другите сектори не поминаа толку добро, бидејќи нема вести во нивна поддршка.
Цените на акциите растат со месеци поради шпекулациите дека американската централна банка агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, што ќе го поддржи економскиот раст. Сепак, овие шпекулации стивнаа бидејќи сите најнови макроекономски податоци покажуваат дека инфлациските притисоци во САД се се уште силни, а пазарот на трудот е сè уште силен. Тоа е причината зошто челниците на Fed веќе долго време повторуваат дека каматните стапки би можеле да останат покачени подолг период од очекуваното.