дома Општество Државен завод за ревизија: Неефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот

Државен завод за ревизија: Неефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот

36

  Законската регулатива не создава услови, а активностите на надлежните институции не обезбедуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот – станбен и деловен имот, соопшти денеска Државниот завод за ревизија (ДЗР), којшто изврши ревизија на успешност на тема „Управување со државниот имот“ со цел да се даде одговор на прашањето „Дали надлежните институции управуваат и стопанисуваат со државниот недвижен имот – деловни и станбени објекти на државата на ефикасен начин?“.

Државен завод за ревизија: Неефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имотКако што се посочува во соопштението од ДЗР, со ревизијата е оценето дека постојната законска регулатива, мерките и активностите кои се преземани од Владата и другите надлежни институции не овозможуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот – деловни и станбени објекти на државата.

Постоечката законска регулатива има воспоставено систем со разграничени надлежности меѓу институциите во однос на одлучување, управување, располагање и евидентирање со државниот недвижен имот.

Утврдено е дека законската регулатива не предвидува обврска за изработка и донесување на стратешки документи за управување со државниот имот, поради што Владата на РСМ нема донесено национална стратегија за управување, користење, одржување и отуѓување со државниот недвижен имот, ниту државна стратегија во областа на домувањето, иако има законска обврска за истото.

АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје (АДИССПДП) и АД за стопанисување за деловен простор (АДСДП) немаат изготвено стратешки документи со долгорочни приоритети и цели, активности и расположливи ресурси; немаат изготвено програми за инвестиционо вложување.

– Не воспоставува воедначен начин на постапување на надлежните институции, а во отсуство на стратешко планирање, не се донесени ниту акти, процедури/упатства/прирачници за работните процеси поврзани со управување со недвижниот имот на ниво на држава. Не предвидува централизирана евиденција односно сеопфатен регистар на државен недвижен имот со финансиски и нефинансиски податоци, ниту е определен орган или тело надлежно за воспоставување на истиот, се посочува во извештајот на ДЗР.

Евиденцијата на недвижниот имот се води во СОЗР, АДИССПДП, АДСДП, но и во секој државен орган на кој Владата со одлука му има доделено право на времено или трајно користење запишани во Катастарот на недвижности.

– Владата која располага со недвижниот имот во државна сопственост, може со одлука да го даде на времено или трајно користење, со или без надоместок, на државни органи, на правни лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации. Но со ревизијата констатирано е дека Одлуките на Владата немаат унифицирана содржина која ќе обезбеди целосни и следливи податоци и информации за институциите од кои се зема, односно на кои се дава правото на користење на имотот, начинот на примопредавање, со цел негово соодветно евидентирање.

Како резултат на ова, како што стои, ДЗР утврдила различно постапување кај девет министерства при евидентирањето на деловниот простор што го користат.

-Од вкупно 1.214 објекти кои ги користат, за 1.002 објекти или за 83% имаат обезбедено одлука од Владата за право на користење, додека за 212 објекти, односно 17% немаат обезбедено одлука. 49% од објектите што се користат се сметководствено евидентирани, 29% се евидентирани во вонбилансната евиденција, додека преостанатите 22% од објектите воопшто не се евидентирани.

Во причините за сметководствено неевидентирање на објектите кои ги користат министерствата ДЗР наведува дека четири министерства искажале потреба од дополнителен простор, за сместување на вработените, за чување на расходувана опрема, а три министерства располагаат со објекти/делови од објекти кои не ги користат (празен простор), ниту имаат потреба од користење на истите, во периодот oд 2019 заклучно со 30.10.2023 година по основ за закуп на простор само за потребите на две министерства, исплатени се средства во вкупен износ од 47.918 илјади денари односно 779 илјади евра, што е значителен одлив на буџетски средства.

– Со увид во доставената документација и евиденција за деловниот простор во државна сопственост со кој стопанисуваат АДИССПДП и АДСДП, со ревизијата се утврди дека имаат воспоставено „единствена евиденција“ на деловниот простор, во софтверска апликација со финансиски и нефинансиски податоци, информации за локацијата, површината, дали истиот е даден под закуп, и други технички и катастарски податоци, но не секогаш и податоци за физичката и функционалната состојба на објектите, иако софтверската апликација го овозможува истото, воспоставена е материјална евиденција за објектите но податоците не се ажурирани и усогласени со податоците содржани во „единствената евиденција“ и со помошните евиденции кои ги водат одделните организациони единици, по градови.

– Сеуште е евидентиран имот кој е отуѓен или за кој е одземено правото на користење, кој согласно податоците во помошните евиденции е срушен и слично, а за истиот иако реално не постои, сеуште се прават трошоци за осигурување како и трошоци за амортизација, се наведува во соопштението.

Во соопштението до медиумите ДЗР објавува фотографија од локацијата каде што некогаш бил деловниот простор – поранешна барака од 181 м2, кој сеуште е во евиденцијата на АДИССПДП, иако истиот физички не постои.

АДИССПДП стопанисува со 1.163 деловни објекти од кои 51% не се издадени под закуп. Со најголем дел односно 818 објекти стопанисуваат подружница Скопје и Битола, односно Скопје со 35% и Битола 35%, Куманово со РЕ Крива Паланка – 13% објект, а со преостанатите 17% од објекти располагаат другите девет подружници.

Податоците од помошната евиденција упатуваат дека 51% од деловен простор се третира како „спорен“ поради нерешени имотно-правни спорови, бесправно користење или неосновано запишани права на сопственост од други правни и физички лица, срушени и руинирани објекти, како и објекти кои се отуѓени или за кои е изземено правото за стопанисување, а сеуште се водат во евиденцијата на Друштвото.

АДИССПДП стопанисува и со службени станови за кои е доделено право на користење на избрани и именувани лица, како и службени лица кои вршат посебно должности во државните органи. Заклучно со 2023 година, од вкупно 86 корисници на службени станови, 33 корисници не ги исполнуваат условите за користење на доделените службени станови. Контрола на користењето на службени станови не e направена после 2019 година.

Исто така, АДСДП стопанисува со 1.171 објекти од кои 51% не е издаден под закуп. Со најголем дел, односно 545 објекти стопанисува регионален центар Скопје и работна единица Битола, а од извршената анализа утврдено е дека со најголем дел од деловните објекти односно 25% стопанисува регионалниот центар Скопје, a со 22% од објектите стопанисува работна единица Битола., се наведува во извештајот на ДЗР

ПредходнаРежисерот Оливер Мицевски по втор пат ќе се претстави на најголемиот театарски фестивал во Данска – CPH STAGE
СледнаКосовската министерка за надворешни работи: Нова војна на Балканот би била добредојдена за Русија