Изгледа дека нѐ чекаат долги месеци, а можеби и години, кога прашањето на Договорот од Преспа ќе ја подјадува супстанцата на македонското општество, ќе арчи непотребна енергија, новите власти што треба да дојдат ќе смислуваат акробатски одговори за да не се отуѓат од големото гласачко тело. А во исто време ќе треба да одат по жица во разговорите и обврските со меѓународните партнери. Не ја знаеме програмата на идната влада, но гледаме дека претставници на ВМРО-ДПМНЕ сега веќе почнаа да ја омекнуваат реториката од последнава година. Да бидеме малку трпеливи и да видиме каде ќе биде границата на тоа омекнување.
Но, забележувате, бомбастичната приказна за милијардата од непознато владино другарче ја снема од главните наслови, затоа што сцените како од некој италијански водвиљ – лентата на венецот била многу мала, имало место само за нејзиното име, но не и на државата, објаснуваше Гордана Сиљановска-Давкова – веќе го засмејуваат поголемиот дел од публиката. Таа како едвај да го чека вториот, третиот и четвртиот чин, кога толку многу смешни работи се случуваат во првиот акт. Конферансието во најавата за вториот чин вели дека главната актерка, Сиљановска-Давкова, објавува дека има план за решавање на влошените релации со Грција – ќе развива добрососедски односи, нудење почит и барање почит. Нешто како peace, love and harmony. Ингениозно. Изгледа никој досега во „нашата држава“ не размислувал за добрососедски односи.
Ако новите власти сакаат да им поминува времето што доаѓа во тоа како медиумите ќе ги пренесуваат како главни вести заканите што доаѓаат и ќе доаѓаат од Атина, како моќната грчка дипломатија ќе ги активира сите лостови во Брисел и Вашингтон, може да ја загуби приказната со која ги добија овие избори – промени, реформи и економски напредок.
Да го оставиме засега настрана можниот развој на настаните. Грција и Европа се преокупирани со изборите за Европскиот парламент што треба да се одржат од 6 до 9 јуни. Работите по нив може да станат покомплицирани за македонските власти. Според последните анкети бројките стануваат загрижувачки за мејнстрим партиите. Изгледа сосем веројатно дека пратениците на крајно десничарските партии ќе бидат побројни од оние на Европската народна партија, претпоставениот победник на изборите. Тоа не значи дека тие ќе доминираат како заедничка идеолошка група, затоа што во таа групација се и Европските конзервативци и реформисти, Идентитет и демократија, Алтернатива за Германија, Фидес на Виктор Орбан и други екстремни десничарски популисти. Тие се прилично поделени меѓу себе и може да ги имаат бројките, но да го немаат мнозинството. Но во вревата што ќе настане по 9 јуни македонскиот глас може да го снема од бриселските канцеларии и ходници, но нема сомневање дека грчкиот и натаму ќе се слуша. Секогаш кога треба и секогаш на важното место. А во исто време овие крајно десничарски популисти се алергични на самото споменување на проширувањето на ЕУ и генерално со аверзија гледаат на земјите од Балканот кои се кандидати за приклучување кон ЕУ.
Паралелата со Лозана
Се чини дека овдешните сократовски и други професори, спин доктори и бестрашни патриоти малку разбрале и малку проучиле што значи кога Грција е дел од меѓународен договор и какви механизми има на располагање кога тврди дека треба да се почитува она што е потпишано (па и кога вели дека не ѝ оди во прилог).
Еве една основна паралела за најважниот договор на Грција во 20. век, оној од Лозана од 1923 година, кога беше создадена независната модерна Република Турција, но после кој грчката држава ги доби во владение 95 отсто (можеби и повеќе) од сите острови во Егејското Море. Дури и оние коишто се на пушкомет од турската копнена територија. Вториот договор е Преспанскиот. Каде во членот 20 во точка 9 пишува: „Одредбите од оваа спогодба остануваат во сила за неопределен период и се неотповикливи. Не се дозволени никакви измени на одредбите од член 1, став (3) и став (4) од оваа спогодба“. (Во тие два става со повеќе точки најважното е дека името на нашата држава е Република Северна Македонија erga omnes и дека официјалниот јазик на македонската држава е „македонски јазик“.)
Знаеме како дојде до Преспа, но малку знаеме како се случи Договорот од Лозана и зошто тој може да биде поучен во оваа ситуација на патриотски воздишки.
Договорот од Лозана беше потпишан на 24 јули 1923 година и тој обезбедува стабилноста во источниот Медитеран цел еден век потоа. Како дојде до него?
Во 1453 година, Константинопол (денешен Истанбул), главниот град на Византиската империја, беше заземен од Турците од Отоманската империја. За Грците, падот на Константинопол, кој го означи крајот на неговата политичка доминација во регионот, е една од историските трауми до ден денешен. Од тој момент, Грците – како и сите други народи на Балканот – живееја под отоманска власт. Грците беа најсилни меѓу оние кои се кренаа за независност, формирајќи ја модерната грчка држава во 1830 година по успешното востание.
Кон крајот на 19. век, многу Грци беа инспирирани од „Мегали идејата“ („Големата идеја“): Освојувањето на Истанбул и воскреснувањето на Византиската империја. Поттикната од оваа идеја, Грција ја нападна Отоманската империја во 1897 година и претрпе тежок пораз. Но 16 години подоцна, по Балканските војни во 1913 година, Грција ги анектираше регионите Македонија, Епир и Тракија.
Како што заврши Првата светска војна кон крајот на 1918 година, европските победнички сили се обидоа да му зададат последен, смртоносен удар на „болниот човек на Босфорот“ – како што се нарекуваше Отоманската империја во нејзините последни децении. Отоманската империја во Првата светска војна се бореше на страната на поразените Централни сили. Примирјето потпишано во Мудрос на островот Лемнос на 30 октомври 1918 година предвидуваше отоманско предавање и го постави теренот за сојузничката окупација и поделба на отоманските земји.
За прв пат откако султанот Мехмед II го освои Константинопол во 1453 година, градот беше под странска окупација. Британски, француски и италијански трупи маршираа во Истанбул.
Пристапот на сојузничките сили беше да го исечат она што остана од Отоманската империја преку понижувачки договор. Познатиот Договор од Севр, потпишан на 10 август 1920 година од османлиска делегација и сојузничките сили, наметна исклучителни казнени мерки за Цариград. Турција беше сведена на една четвртина од денешната територија и беа задоволени грчките, ерменските и курдските територијални амбиции.
Градот Смирна (Измир) ѝ беше доделен на Грција. Смирна беше либерален, космополитски трговски град со голема грчка заедница. Во октомври 1920 година, грчкиот премиер Елефтериос Венизелос ѝ нареди на грчката армија да напредува кон Анкара. Но, трупите беа слабо снабдени и набрзо беа опкружени од турски трупи предводени од Мустафа Кемал Ататурк кои се бореа за независност и нова турска држава. Грците побегнаа, а Смирна изгоре во пламен, со големи загуби на животи.
Во 1923 година, Договорот од Лозана го замени Договорот од Севр, кој всушност никогаш не беше ратификуван. Тој го реши прашањето за границите и статусот на многу острови во Егејското Море.
Турција ги прифати договорите од 1913 година со кои се доделени неколку острови (вклучувајќи ги Лезбос, Хиос и Самос) на Грција и ги отстапи своите права на Додеканезите, кои беа окупирани од Италија за време на Втората светска војна. Островите Бозчада и Гокчеада пред влезот во теснецот Дарданели ѝ беа доделени на Турција. Договорот од Лозана ги дефинираше националните граници на двете земји, кои остануваат исти до ден-денес.
По потпишувањето на договорот, дојде до размена на население по религиозни линии меѓу Грција и Република Турција во зародиш: Над 1 милион православни христијани ја напуштија Турција за Грција; 500.000 муслимани замина од Грција во Турција.
Договорот од Лозана, исто така, ги регулираше правата на малцинствата и ги дефинираше немуслиманите кои живеат во Турција како малцинства. И турската заедница во Западна Тракија во Грција доби малцински статус.
Теории на заговор во Турција
И за Турција, Договорот од Лозана е од големо значење. Во целосна спротивност со Договорот од Севр и примирјето од Мудрос, кои се сметаат за „документи за колапсот“ на Отоманската империја по Првата светска војна, тој важи за документ што ги постави темелите на модерната Република Турција. Еден вид извод на раѓање.
Договорот стави крај на воената состојба меѓу силите на Антантата и Турција, која започна со Првата светска војна и траеше околу 10 години. Последните трупи на Антантата го напуштија Истанбул во октомври 1923 година.
На 13 октомври истата година, Анкара официјално го замени Истанбул како главен град на земјата, а на 29 октомври беше прогласена Турската Република, по што следеше укинување на султанатот и калифатот.
Дали е можно да се измени таков историски мировен договор како што е Договорот од Лозана? Тоа се направи два пати за овие сто години.
Прво, кога во 1936 година беше потпишана Конвенцијата од Монтре во врска со режимот во Дарданелите. Пред конвенцијата од Монтре, според Договорот од Лозана, контролата на Дарданелите и теснецот Босфор беше предадена на меѓународна комисија. На Конвенцијата во Монтре, Договорот од Лозана беше изменет и сопственоста на теснецот ѝ беше вратена на Турција.
Искендерун, историска област по должината на медитеранскиот брег јужно од Турција, беше дел од Сирија под француска контрола до 1938 година. По неколку месеци размислување, Турција и Франција се согласија да одржат референдум нарачан од Друштвото на народите, претходникот на Обединетите нации. Од жителите на Искендерун беше побарано да изберат помеѓу Сирија и Турција. Тие ја избраа Турција. До 1939 година, Искендерун беше признат како една од турските провинции и доби ново име, Хатај.
Но, тоа не беше доволно за да се смират некои Турци кои се чувствуваа разочарани од тоа како заврши Првата светска војна. Значителен број Турци сè уште беа фрустрирани од исходот на Договорот од Лозана. Тие не можеа да се помират со загубата на огромни територии кои се движат од Северна Африка преку Блискиот Исток до Европа и останаа со она што го знаеме како денешна Турција.
За значењето на Договорот од Лозана сè уште се дебатира во некои кругови и често е во фокусот на неколку теории на заговор во Турција. Двете најважни од нив се дека договорот содржи тајни клаузули кои никогаш не биле објавени во јавноста и дека договорот ќе заврши 100 години по неговото потпишување. Иако овие две тврдења беа побиени од угледни историчари во Турција, тие повремено се појавуваат во политичките дебати.
Иако договорот обезбеди мир во Европа и на Блискиот Исток, тој не помина добро кај значителен број луѓе, кои имаа силно чувство за припадност на поранешната османлиска држава. Ова чувство беше пренесено низ следните генерации, расцепувајќи го турското општество. Некои Турци веруваа дека татковците-основачи на Турција, особено Мустафа Кемал Ататурк, секуларниот основач на земјата, го потпишале договорот за да ги одоброволат западните сили. Други мислеа поинаку, верувајќи дека договорот е неопходен за светот да го признае создавањето на модерната турска република.
Во поголемиот дел од неговата политичка кариера, ставот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за Договорот од Лозана остана конзистентен. По неговото доаѓање на власт, неговите ставови за преиспитување и ажурирање на договорот постепено влијаеја на агендата на надворешната политика на земјата.
„Погледнете ги сега грчките острови. Ги подаривме овие многу блиски острови. Дали е тоа победа? Тие места беа наши. Зошто? Оние кои седеа на масата не беа подготвени за предизвик. Бидејќи не можеа да испорачаат, сега имаме проблеми“, рече Ердоган за време на говорот во Анкара во 2016 година пред регионалните претставници. „Некои се обидоа да нѐ измамат претставувајќи ја Лозана како победа“, рече тој.
„Во Лозана, ги подаривме островите од кои можете да се довикувате“, нагласи Ердоган, мислејќи на грчките острови лоцирани во Егејското Море блиску до турскиот брег.
Следната 2017 година Ердоган предизвика незадоволство во Атина велејќи дека Анкара „ги подари“ егејските острови на Грција според Договорот од Лозана. Реагирајќи на коментарите на Ердоган, грчкото Министерство за надворешни работи забележа дека „сите треба да го почитуваат Договорот од Лозана“, истакнувајќи дека тоа е „реалност во цивилизираниот свет што никој, вклучително и Анкара, не може да ја игнорира“. Ердоган неколку пати споменуваше дека можеби треба да се оди пред Меѓународниот суд во Хаг за да го испита овој договор, сепак тоа никогаш не се случи.
Но лани, на 100-годишнината од Договорот од Лозана прагматичниот Ердоган даде сосема поинаква изјава: „Денес е 100-годишнина од мировниот договор од Лозана, кој претставува една од пресвртните точки во нашата историја. Волјата на нашата чесна нација за целосна независност се покажа многу силна за време на процесот на преговори и потпишување на мировниот договор од Лозана. И покрај сета сиромаштија и неможности, оваа волја, која ја доведе нашата војна за независност до победа, сè уште нѐ води, го осветлува нашиот пат“, рече тој, изразувајќи ја големата почит кон Мустафа Кемал Ататурк.
Сократовиот парадокс
Владата на Киријакос Мицотакис во Грција неколку пати последниве години (а и самиот тој) нагласува дека Преспанскиот договор не ѝ се допаѓа затоа што овозможи Македонците да се нарекуваат Македонци (иако од Северна Македонија) и дека името на јазикот е зацементирано како македонски. Но дека Грција е сериозна држава која го почитува договорот иако го склучила некоја друга влада и го ратификувал некој друг парламент. Но, сепак, грчки парламент. И дека договор кој произлезе од посредништвото на Обединетите нации со помош на САД и ЕУ, и кој е заведен во списите на ОН, не може туку така да се менува.
Самиот Мицотакис не ја споменува главната „квака“, но некои други од неговата партија веќе почнаа да го нагласуваат моментот: ако Атина се согласи за некаква ревизија на Преспанскиот договор, тогаш може да стигне барање од Анкара за ревизија на Договорот од Лозана. А тоа треба на секаков начин да се спречи. Не знаеме дали новите македонски власти ја имале на ум оваа ситуација која може дополнително да ги искомплицира односите меѓу Грција и Турција. Не знаеме ни дали воопшто размислувале во таа насока.
Преспанскиот договор, сакале ли ние да го признаеме или не, на одреден начин е „извод на раѓање“ на македонската држава во меѓународните книги. За многумина во Македонија Преспа е многу тешко да се прифати, главно поради промената на името. Нема тука ништо неприродно или изнасилено. Затоа внатрешното справување со оваа „неправда“ е мачно, за некои дури и неподносливо. Но во меѓународната арена неподносливоста не е адут, таа многу често знае да биде голем проблем за самиот себеси, а не за другите.
И на крај, за овие сократовски парафрази, што почнаа да стануваат дел од овдешната политиката 26 века подоцна, да го споменеме оној прочуен Сократов парадокс: „Знам дека не знам ништо“.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.