дома Политика Ахмети: Не може секој да добие мандат за да одлучува кој ќе...

Ахмети: Не може секој да добие мандат за да одлучува кој ќе ги претставува Албанците во новата влада

37

 Нашите политички противници нека се подготват за новиот предизвик кој следи следната година на локалните избори, истакна Али Ахмети, лидер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), во обраќањето на прославата за 22 години од формирањето на оваа политичка партија, а посветено на актуелните превирања во албанскиот блок по парламентарните избори.

– Секој може да добие мандат да формира влада, но не може секој да добие мандат да одлучува кој ќе ги претставува Албанците во таа влада, рече Ахмети, алудирајќи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВЛЕН/ВРЕДИ, од каде најавија формирање на нова влада.

Ахмети пред сопартијците во ресторанот „Нов Албис“ во гостиварска Долна Бањица првиот дел од неговото обраќање го посвети на достигнувањата на оваа политичка партија низ двете децении делување. Тој ги наброја речиси сите изборни циклуси, во кои, како што напомена, извојувале победи. Од општествените процеси во кои имале влијание, покрај уставните измени, зачленувањето во НАТО, како позначајни ги истакна потпишувањето на Охридскиот договор, користењето на албанскиот јазик во институции и јавниот живот, учество на Албанци при одлучувањето во извршната, законодавната и судската власт. Според Ахмети, ДУИ успеала да се наметне и да добие значајни министерски позиции и, како што рече, првиот премиер Албанец.

Тој говореше и за актуелната состојба осврнувајќи се на прозивките од одредени лидери на партии за одговорност и вмешаност во корупција на кадрите на ДУИ и јавно побара соодветните институции да иницираат постапки.

– Седум години се обидуваат нè оцрнат и се занимаваат со ДУИ. Ги повикувам органите да иницираат истраги за сите кои биле на раководни функции, почнувајќи од мене, рече Ахмети.

ПредходнаМицкоски: Мојата татковина е Македонија, целокупната институционална комуникација која е дел од законите и Уставот ќе биде почитувана
СледнаГир: Од огромна важност е да се работи на целосна имплементација на Преспанскиот, Охридскиот и Договорот за добрососедски односи