Второ издание на фестивалот „Стрип трип“ ќе се одржи викендов (8 и 9 јуни) во Младинскиот културен центар, на кој годинава земја во фокусот е Италија. Со поддршка на Амбасадата на Италија во Скопје, ќе гостуваат двајца познати автори кои, како што беше речено на прес-конференција, се „кремот на италијанскиот стрип“ – сценаристот Роберто Рекиони и цртачот Андреа Акарди.
На трибина во сабота во МКЦ, на која тие ќе гостуваат, ќе биде промовирана и книга со првите две епизоди од македонскиот превод на стрип-серијалот „Чанбара“ што за нашата публика ги објавува стрип-издавачот „Бункер“.
Организаторите на „Стрип трип“ ја соопштија дводневната програма во која покрај овие настани ќе има и три изложби – првата е изложба на стрип од земјата во фокус (Италија), втората е изложба на стрип дела од селектирани девет македонски автори, маѓу кои и Миле Топуз, доајенот на македонскиот стрип кој годинава на фестивалот ќе ја добие наградата „Македонско стрип наследство“. На третата изложба ќе бидат претставени стрип дела што пристигнале на отворениот конкурс „Самураи во твојот град“.
Како што соопшти Давор Драмиќанин, на конкурсот пристигнале над 60 дела од млади автори од десет градови. За наградата „Македонска стрип иднина“ ќе одлучува тричлено жири, во состав: Корнелија Коневска од галерија „Остен“, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри и Здравко Гиров од Здружението МакСтрипови.
-Не очекувавме толкав одѕив на конкурсот. Се покажа дека љубовта кон стрип-културата во Македонија е нешто кое ги руши сите предизвици и препреки, а ние сме горди што оваа уметност повторно станува тренд кај помладите генерации, рече Драмиќанин.
Трите изложби се основата на фестивалот, рече тој, но ќе има и комбинирање на стрип со театар односно сценски подготвени ликови на Дилан Дог и самураи кои се главните теми на второто фестивалско издание.
Ќе бидат промовирани неколку нови македонски стрип-изданија, како и првата книга од преводот на серијалот „Чанбара“ во издание на „Бункер“.
Владимир Битољану од „Бункер“ рече дека ќе бидат промовирани три-четири изданија од домашната стрип-продукција , нагласувајќи дека „состојбата е алармантна“.
-На кревки нозе сме. Ако во СФРЈ имаше по илјада стрипови годишно, кај нас тие се бројат на прстите од една рака во една година… Да не се споредуваме со други земји, како на пример Италија, која е лидер во производството на стрипови во Европа. Со тие стрипови и сме пораснале во 1970-тите, 1980-тите, 1990-тите години, рече Битољану.
Фестивалот го организираат само со свои сили и ентузијазам и со помош на љубители и колекционери на стрипот, голема поддршка имале од Амбасадата од Италија, а од Министерството за култура не добиле средства во Годишната програма.
-Од државата нема слух, а не се работи за големи пари. Треба само да има разбирање. Од Министерството за култура добивме нула денари за фестивалот, а од друга страна финансира учество на македонски автори на стрип фестивал во Србија, додаде Битољану.
Во врска со „Чанбара“ (термин од јапонската култура за кодекс на самураите во 17 век), посочи дека „Бункер“ ги откупил правата од италијанскиот издавач за превод на целиот серијал, а во оваа пригода во една книга ќе бидат промовирани првите две епизоди. Во план е во иднина да биде покриен целиот серијал со девет епизоди.
Организаторите особено се горди што на фестивалот ќе ги имаат реномираните италијански стрип автори – Роберто Рекиони и Андреа Акарди кои заедно работат на серијалот „Чанбара“.
-Одлично кликнале Рекиони и Акарди во слулчајот и, според мене, направиле една безвременска приказна која се надевам ќе наиде на добар одек и овде, кај нас, нагласи Битољану.
Сценаристот Рекиони работел на многу познати серијали, од кои кај нас најпознат е Дилан Дог за кој потпишал неколку познати епизоди. Десет години бил и главен уредник на италијанскиот гигантски издавач на стрипови „Серџо Бонели“. Стрип цртачот Андреа Акарди, пак, работи на повеќе серијали и е познат по вестерн стрипот „Текс Вилер“ – најдолговечниот и најпопуларен стрип во Италија кој излегува од 1949 година.
Здравко Гиров од Здружението МакСтрипови соопшти дека покрај промоции на дела од македонски стрип автори кои, како што рече, „во нашата држава се помаргинализирани и од самиот стрип како уметност“, на хартија ќе бидат објавени и дела создадени од одржаната Стрип школа за средношколци.
За второто издание на фестивалот „Стрип трип“ е подготвен и постер на авторот Гоце Илиевски. „Стрип трип“ првпат се одржа минатата година кога земја во фокусот беше Србија.