дома Политика ВМРО-ДПМНЕ слави 34. роденден со стокмен тим за владата

ВМРО-ДПМНЕ слави 34. роденден со стокмен тим за владата

28

Имам голема надеж во нив и мора да ги засукаме ракавите од првиот ден, порача мандатарот Мицкоски за предложените кандидати за министри. Тие му се заблагодарија за укажаната доверба.

По седум години поминати во опозиција, партијата го слави овој роденден во победнички дух по двојните избори, по што Мицкоски го доби мандатот за формирање влада, а синоќа ги соопшти и предложените кандидати за нејзиниот состав.

Изненадување е што поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски сега е кандидат за министер за одбрана, а патното и инфраструктурно поврзување ќе биде обврска на Александар Николоски, пратеник во Собранието во повеќе мандати, кој е предложен и за заменик претседател на владата.

„Како што го кренавме ВМРО-ДПМНЕ, така ќе ја креваме и Македонија! Народот ни даде огромна доверба. Со многу посветеност и напорна работа ќе ја оправдаме“ напиша Николоски на неговиот профил на Фејсбук.

Прикажи дополнителна содржина?
Оваа содржина е дел од текстот што моментално го читате. Давателот Facebook (Meta) ја обезбедува оваа содржина и може директно да ги собира вашите податоци за користење кога ќе кликнете на „Прикажи содржина“.

Мисајловски вели дека ќе се заложи за подобрување на условите во македонската армија, на одбранбениот стандард, одбранбената готовност и модернизацијата на армијата, и подобрување на условите за униформираниот и цивилниот кадар во Министерството за одбрана.

„Односите со нашите стратешки партнери да бидат уште позасилени, а армијата да биде лицето на државата која ќе сведочи за нејзината организираност“, напиша тој на неговиот Фејсбук-профил.

Прикажи дополнителна содржина?
Оваа содржина е дел од текстот што моментално го читате. Давателот Facebook (Meta) ја обезбедува оваа содржина и може директно да ги собира вашите податоци за користење кога ќе кликнете на „Прикажи содржина“.
 „Во овие луѓе имам голема надеж…“

И Николоски и Мисајловски се потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ, а на предлог листата се и другите двајца од вкупно 4 партиски потпретседатели. Гордана Димитриеска-Кочоска, соработничка на Мицкоски уште од периодот кога задено работеле од ЕЛЕМ, е предложена за министерка за финансии. Тимчо Муцунски, градоначалник на Општина Аеродром, професор на Правниот факултет, поранешен пратеник – е предложен за министер за надворешни работи и трговија.

Мицкоски потенцираше дека при изборот на кадровскиот потенцијал и решенија за состав на новата влада се водел од принципите за чесност и посветеност, да бидат луѓе кои ќе дадат голема енергија и целосно ќе се вложат за реализација на зацртаните цели.

„Го немаме луксузот да не се успее, ниту пак да се прават репризи на минати владеења каде ќе се загуби врската со единствениот суверен народот. Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и заедно нѐ чека многу работа, мора да ги засукаме ракавите од првиот ден. Состојбите се очајни и потребни се најпрвин стабилизирање на состојбата, а потоа и брзи резултати“, рече синоќа Мицкоски.

Од Велес, градот каде денеска ќе се слави партискиот роденден, потекнуваат двајца од предложените кандидати за министри. Едниот е Панче Тошковски, адвокат и актуелен технички министер за внатрешни работи кој е предложен да раководи со истиот ресор. Велешанецот Зоран Љутков, Зоран, актер по професија и актуелен претседател на Советот на Општина Велес, е предложен да го води реогранизираното Министерство за култура и туризам.

Тошковски вели дека со огромна чест ја прифатил одлуката да биде предложен за министер, што за него е голема одговорност и обврска.

„Ветувам дека ќе работам неуморно за подобрување на условите за живот на сите граѓани и за обезбедување на безбедна, просперитетна и праведна Македонија“, порача тој.

Смарт Македонија

За укажаната доверба се заблагодари и Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада. Тој е предложен да раководи со реогранизираниот ресор информатичко општество и дигитална трансформација. Во тој „предизвикувачки сектор“ како што ја нарекува дигиталната трансформација, очекува тимски успеси за граѓаните.

„Смарт Македонија ќе биде еден од темелите на тие успеси!“, порача Андоновски.

Прикажи дополнителна содржина?
Оваа содржина е дел од текстот што моментално го читате. Давателот Facebook (Meta) ја обезбедува оваа содржина и може директно да ги собира вашите податоци за користење кога ќе кликнете на „Прикажи содржина“.

Со новиот ресор – енергетика, рударство и минерални суровини е предложена да раководи Сања Божиновска, членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, и експерт во енергетиката. За вториот нов ресор – Министерство за спорт, предложен е поранешниот ракометар и репрезентативец, Борко Ристовски, кој сега од поинаква позиција ќе има можност лично да придонесува за развојот на македонскиот спорт.

Весна Јаневска, професорка на Медицинскиот факултет, вработена во Институтот за патологија и поранешна пратеничка, е предложена да раководи со ресорот образование. Цветан Трипуновски, кој ја води партиската комисија за земјоделство и е актуелен дополнителен заменик-министер за тој ресор во техничката влада, е предложен да раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Златко Перински, поранешен директор на скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“, по чие разрешување од страна на градоначалничката Данела Арсовска ВМРО-ДПМНЕ ја прекина соработката со неа, треба да биде министер за локална самоуправа.

Позиции за партнерите

Од другите партии од коалицијата „Твоја Македонија“ се предложени тројца кандидати. Претседателот на Социјалистичката партија, поранешен министер за земјоделство и пратеник во неколку мандати, Љупчо Димовски, е предложен за вицепремиер одговорен за политичкиот систем. Иван Стоиљковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник во Собранието ќе биде вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, а поранешниот пратеник и директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу е предложен за министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите.

Мицкоски очекува денеска и официјално да ги добие предлозите од коалициските партнери Вреди и ЗНАМ, со цел утре (18-ти јуни) заедно со програмата за работа на идната влада предлогот да биде доставен во Собранието.

Како што беше соопштено во изминатите денови, Алтернатива која е дел од коалцијата „Вреди“ го предлага поранешниот генерален директор на МЕПСО, Орхан Муртезани, за министер за европски прашања. Движењето Беса го предлага Фатмир Лимани за министер за социјална политика, демографија и млади, а Бесар Дурмиши за министер за економија и труд. Арбен Таравари од Алијанса за Албанците е кандидат за министер за здравство, а Изет Меџити, претседателот на Демократското движење – вицепремиер и министер за животна средина. Од редовите на движењето ЗНАМ за министер за правда го предлагаат Игор Филков, а за ресорот администрација Горан Минчев.

ПредходнаДали по заканите за „Голема Србија“ наскоро ќе следат дела?
СледнаНајмалку тројца ранети и осум уапсени демонстранти пред резиденцијата на Нетанјаху во Ерусалим