Ние мислевме дека ВМРО-ДПМНЕ и неговиот лидер имаат визија за Македонија во наредните години и за таа визија граѓаните им ја дадоа довербата на изборите. Но изгледа дека не било така, или барем не е во овој момент. Затоа што тие да ти биле подизведувачи. Визијата доаѓала од некое друго место.
Додека нѐ држеше незаспани за време на гостувањето на телевизија Алфа, потпретседателот на владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во една полуегзалтација од 500-те милиони евра што Орбан ќе ѝ ги даде на македонската влада, рече:
„Виктор Орбан покажува една прекрасна визија за Македонија. Постигнат е одличен договор и Унгарија покажа дека е еден од најдобрите пријатели на Македонија“.
Не би требало нешто да се додава за визионерот на македонската иднина. Тој имаше толку голема визија преку најфантастичните шпионски канали да го пренесе поранешниот премиер во Будимпешта. Сега има неверојатна визија да позајмува по принципот влада-со-влада 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25 отсто, таа визија може да се надогради со концептот „специјална економска соработка“ (како што ја објасни премиерот Христијан Мицкоски) и кога на новите македонски власти ќе им притребаат уште пари може да затропаат на портите на Кармелитскиот манастир во Будим (каде што Орбан го префрли седиштето на владата) и да побара дополнителна поддршка.
Во парите се познаваат пријателите, а не во тоа дека најголемиот дел од размената на македонската економија е со Германија, па со Британија, Турција, Грција. Сето тоа не е важно – зошто со нив би имале „специјална економска соработка“. Тие би прашувале каков е тој принцип влада-со-влада да се договара позајмување огромни пари. Треба да има некакви контроли, одговорност пред јавноста за дадените пари. Сѐ некакви непотребни „дребулии“. Или, не дај боже, да треба да се испрати писмо до ММФ, Светска банка или некоја друга европска финансиска институција. Некои можеби заборавија, а некои можеби и се сеќаваат како Никола Груевски како министер за финансии беше речиси непристоен со тогашниот претседател на Светска банка, Џејмс Волфенсон, кој бараше одговори за тоа како се трошат парите што меѓународните финансиски институции ѝ ги даваат на Македонија. Тие луѓе без визија сакаат да го поткопуваат напредокот на Македонија.
Пропаднати предвидувања
Во месеците, а и годината пред изборите, многу истакнати лица на тогашната опозиција, а и аналитичари кои нудеа длабокоумност и визионерство, тврдеа дека претседателствувањето на Унгарија со ЕУ ќе биде извонредна можност за Македонија да излезе од маѓепсаниот круг по кој се врти околу Унијата и со еден телепортациски скок ќе влезе во јадрото. Некои го тврдат тоа и сега, по 12-те катастрофални дена на унгарското претседателство (како што без заобиколување го оцени официјален Берлин). Таман го поставивме новиот олтар, пред кој ќе се поклонуваат македонските власти, Орбан и целата екипа околу него почна „мировна иницијатива“ одејќи во Киев, Москва, Пекинг и Флорида кај Трамп, отуѓувајќи ја речиси целата Европска унија.
Додека овде, по средбата во Вашингтон меѓу Мицкоски и Орбан, уште се собираат околу тој олтар, дипломатите во Брисел почнаа да преземаат мерки да ја приземјат неговата шатл-дипломатија и да го спасат угледот на Унијата. Да ги погледнеме фактите.
Првиот е што на иницијатива на Орбан се формираше нова група во Европскиот парламент наречена Патриоти за Европа. ВМРО-ДПМНЕ може да биде мирно, тука нема притисок за приклучување кон оваа група. Патриотите се група само за потребите во Европската унија. Тие имаат 84 пратеници и ќе бидат трета група по бројност во парламентот. Во неа се собраа крајните десничари од Европа – Националниот собир на Марин Ле Пен, Фидес на Орбан, италијанската Лига на Матео Салвини, Вокс од Шпанија, Шега од Португалија, АНО од Чешка, Партијата на слободата од Австрија, партијата на Герт Вилдерс од Холандија и други екстремни десничари од 12 земји. Претседател на групата ќе биде протежето на Ле Пен, Жордан Бардела.
Бардела соопшти дека Патриотите „претставуваат надеж за десетици милиони граѓани во европските држави кои го ценат нивниот идентитет, нивниот суверенитет и нивната слобода. Како патриотски сили, ќе работиме заедно со цел да ги вратиме нашите институции и да ги преориентираме политиките за да им служиме на нашите држави и народи“. Реториката е иста на овдешните патриоти – и тие ќе спроведуваат политики за да им служат на државата и народот. Најблискиот сојузник на Орбан во ЕУ, словачкиот премиер Роберт Фицо, одби неговата партија да им се придружи на Патриотите. Исто како националистите од Право и правда на Јарослав Качински во Полска.
Потоа, дипломатите во ЕУ не ја купуваат „мировната мисија“ на Орбан бидејќи на тоа гледаат дека унгарскиот премиер го користи својот ред во ротирачкото претседателство на Советот за да го промовира унгарскиот светоглед. „Брзината со која тој го правеше ова тролање беше прилично збунувачка“, рече еден дипломат за „Политико“. „Да користам израз од Ленин: Орбан се однесува како ‘корисен идиот’ за обиди да го поткопа единството на ЕУ“, рече друг, мислејќи на патувањата на Орбан во Пекинг и Русија.
Изолација на Будимпешта
Во европските престолнини се конципираат два пристапи за тоа како да се намали значењето на унгарското претседателствување, затоа што тоа не може да се поништи. Првиот е да не се испраќаат високи функционери на состаноците што унгарската влада ќе ги организира во Будимпешта.
Испрати бирократ без лице. Тоа беше пристапот прикажан во вторникот, кога само седум земји (плус Унгарија) ги испратија своите министри за индустрија на првиот состанок на Советот на Унгарија, за кинеските тарифи за електрични возила.
Комесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон, вообичаено сеприсутен, се откажа, а Комисијата наместо тоа беше претставена од врвен државен службеник. Германија во последен момент го замени Свен Гиголд, нејзиниот државен секретар за економски прашања, со функционер од понизок ранг. Франција го испрати само директорот на својот европски оддел. А Литванија го испрати својот амбасадор со седиште во Будимпешта.
Во средата на редовниот состанок на амбасадорите на ЕУ во Брисел пратеникот на Унгарија во Унијата, Балинт Одор, вербално бил речиси масакриран од неговите колеги за тоа како Будимпешта го започна својот ред на челото на Советот на ЕУ. Средбата траела повеќе од два часа, а Словачка е единствената земја што не зела збор.
„Невидено е претседателството да биде укорено на таков начин од сите други“, рече еден висок дипломат на ЕУ.
Унгарија вели дека не знае за што е целата врева.
На преполната прес-конференција во Брисел во средата, унгарскиот министер за ЕУ, Јанош Бока, рече дека разговорите на Орбан во Москва и Пекинг „не беа во име на ЕУ, тие не беа водени врз основа на мандат од европските институции, тие не беа водени во име на Европската унија или која било нејзина институција. Премиерот е свесен за одговорностите што ги носи претседавањето со Советот на ЕУ и во духот на оваа одговорност го информираше претседателот на Европскиот совет и шефовите на држави и влади за овие посети“.
Дипломат на ЕУ се изненади што „девет дена му беа потребни на унгарското претседателство да ја изгуби малата доверба што им остана“, додавајќи дека „дејствата на Орбан не служат за ЕУ или за мирот. Тие играат во рацете на Путин и неговиот воен проект. Унгарскиот слоган ‘да ја направиме Европа повторно голема’ е повеќе да ја ‘направиме Русија повторно голема во оваа фаза’.
Земјите од Северна и Источна Европа веќе донесоа одлука дека нема да испраќаат министри во Унгарија за време на претседавањето со ЕУ во знак на протест против посетата на Орбан на Москва.
Шведска, Финска, Естонија, Летонија, Литванија и Полска, ќе испратат ниски официјални претставници на неформалните министерски состаноци што ќе се организираат во Будимпешта. Дискусиите во другите земји се во тек.
Во оваа голема изолација на Орбан во ЕУ, новите македонски власти ќе ја бараат шансата тој да направи пробив во прашањето за преговорите и да изнајде некаква волшебна формула Бугарите одложено да се внесат во уставот. Тоа сега изгледа како целосно пропаднат концепт, затоа што во ЕУ ниту има волја ниту некој сака да го слуша Орбан за неговите политички идеи. Но овде тој е визионерот за Македонија.
Надвор од изнасилените приказни дали Мицкоски ќе се сретне со Мицотакис, како ќе ја ословува нашата земја, што кажувал внатре пред лидерите, а што за македонската јавност, вториот клучен момент покрај 500-те милиони евра од Орбан, вториот клучен настан во Вашингтон беше средбата со контроверзниот поранешен амбасадор на САД и човекот на Трамп за Балканот, Ричард Гренел.
„Плодна и пријателска вечера со Ричард Гренел, американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот. Економија, енергетика и владеење на право, теми за продлабочување на соработката“, напиша Мицкоски за вечерата со Гренел.
Не знаеме што мислат албанските партнери во владата (барем засега) за оваа средба, бидејќи Гренел во изминатава година се покажа прилично благонаклон кон српскиот претседател Александар Вучиќ, а покажува отворена одбивност кон косовскиот премер Албин Курти. Арбен Таравари и останатите се дел од своевидниот проект на Курти за Македонија, тие се среќаваа многу пати со него и во Приштина и овде, а сега премиерот наведува дека вечерата со Гренел била „пријателска“. Гренел неколку пати пишуваше дека Косово се оддалечува од Западот во истото време кога Србија се приближува. Вучиќ му додели и висок орден на Гренел за неговите заслуги за Србија.
Поранешниот пратеник на Трамп за дијалог меѓу Србија и Косово, Гренел, лани во октомври изјави дека „Американците се помалку безбедни поради Курти и Вјоса Османи. Повеќе американски и НАТО војници, повеќе потрошени американски даночни долари, повеќе кризи – сето тоа затоа што Курти и Османи не можат да ги спроведат договорите што ги направи претседателот Хашим Тачи. Вратете го Тачи (од затворот во Хаг)“, напиша Гренел на Икс.
Тој дури и му предложил на Трамп да замине во Хаг и да го посети Тачи, но поранешниот претседател се откажал од таа идеја оценувајќи дека тоа повеќе ќе му наштети нему отколку што ќе му донесе корист на затворениот Тачи.
Каква соработка би можеле да имаат македонските власти со Гренел. Дали да му понудат нешто слично на она што Вучиќ му го понуди на зетот на Трамп, Џаред Кушнер (а во што посредуваше Гренел) – изградба на хотелско-трговски резиденцијален комплекс на местото на разурнатиот Генералштаб во Белград (симболот што остана да потсетува на бомбардирањето на НАТО). Не би било изненадување. Дали би било нешто во енергетиката? Ќе дознаеме, ако имало такво нешто. Владеењето на правото е само флоскула. Политички тоа е ставање на картите на новите власти во враќањето на Трамп за претседател по изборите во ноември.
Во мај годинава „Њујорк тајмс“ напиша многу обемен текст за Гренел. Во него има спектакуларни детали собрани од разговори со 40 луѓе за Американецот за српска употреба, кој прави мрежа да стане идниот државен секретар.
Еве некои детали од него, за подобро да разберете од што е изграден овој нов македонски олтар.
„Потрагата на Ричард Гренел да биде државен секретар во втората администрација на Трамп започна доцна на денот на изборите во 2020 година, кога поразениот претседател испрати лојалисти да водат шамболични операции за ‘запирање на крадењето’ во државите на бојното поле.
Претседателот Доналд Трамп го одреди Гренел – неговиот борбен поранешен амбасадор во Германија, вршител на должноста шеф на националното разузнавање и специјален пратеник за Балканот – да лета со приватен авион за Невада, каде што Гренел се смести себеси, неговото куче Лола, адвокатите и персоналот активисти во апартман во Венецијанскиот ресорт, кој служеше како воена соба на групата во Лас Вегас. Во еднодневниот спектакл, тимот на Трамп поднесе тужба и објави лажни обвиненија за измама, вклучително и едно во кое погрешно се вмешани стотици членови на војската.
Сето тоа беше измама. Гренел му кажа на тимот во воената соба, се сеќаваат двајца оперативци на Републиканската партија, дека гласањето во Невада, всушност, не е украдено. Оперативците, кои побараа да не бидат именувани поради страв од одмазда од Гренел, рекоа дека тој му рекол на тимот оти целта била едноставно ‘да се фрлат шпагети на ѕидот’ (Фрлањето шпагети на ѕид значи преземање акција без никаква основа или причина зад тоа. Тоа е идеја да пробате нешто без вистински план и да се надевате дека нешто ќе се закачи – н.з.) – за да се одвлече вниманието медиумите да не ја прогласат загубата во Невада додека се одвиваше изборната битка во соседна Аризона.
За неговите критичари, Гренел е каустичен опортунист со скромни достигнувања кој се искачил на височините на администрацијата во која партизираноста на питбулите е ценета. Сузан Рајс, поранешен советник за внатрешна политика на претседателот Џо Бајден и поранешен советник за национална безбедност на претседателот Барак Обама, го нарече ‘еден од најгадните, најнечесни луѓе што некогаш сум ги сретнала’. Бред Чејс, поранешен деловен партнер на Гренел, кој се скара со него поради неговото преминување во трампизам, рече дека тој бил ‘бездушен, бесрамен продавач’.
За неговите поддржувачи, Гренел е лојален, неуморен гласник на Трамп, кој ги пренесува барањата на поранешниот претседател со ефикасна воинственост што ги задушува противниците.
Како и да е, неколку луѓе блиски до поранешниот претседател велат дека Гренел има добри шанси да добие врвна работа во надворешната политика во втората администрација на Трамп – ако не како државен секретар, што бара потврда од Сенатот, тогаш можеби како советник за национална безбедност, за што нема потреба од согласност. Тие забележуваат дека Гренел ги поминал изминатите 3 и пол години користејќи ги своите балкански контакти во деловни потфати, вклучително и со важен партнер – Џеред Кушнер, зетот на Трамп – и дека тој внесува бомбастично храброст за американската дипломатија, која ја почитува поранешниот претседател…
Лојалноста на Гренел кон Трамп
Трамп редовно разговара со Гренел, а пред година ипол имаше пофалби за неговата лојалност. Гренел оттогаш е зафатен на Балканот. Со Кушнер направи планови за луксузен хотел, станбен комплекс и музеј во Белград, главниот град на Србија, на местото на бомбардирањето на НАТО во 1999 година, кое го уништи штабот на југословенската армија. Тој, исто така, развива две други луксузни туристички локации, едното на албанскиот брег, а другото на остров во близина на албанскиот брег.
‘Работам на проекти, проекти со приватен капитал, на кои можам да заработам пари’, рече Гренел во телевизиско интервју во Албанија минатата година. ‘Никој никогаш не треба да се извинува што сака да заработи пари’.
Врските на Гренел со Балканот течат и преку десничарскиот медиум Newsmax, каде што тој е аналитичар и потпретседател за меѓународен развој. Минатата година, Newsmax склучи повеќегодишен договор со Телеком Србија, српскиот државен оператор, за емитување содржини на Newsmax во Источна Европа.
Патот на Гренел до Белата куќа на Трамп беше кружен. Тој во 2001 година се најде во мисијата на САД во Обединетите нации. Таму служеше како портпарол на четворица американски амбасадори во ОН, вклучувајќи го и Џон Болтон, кој подоцна стана советник за национална безбедност на Трамп. Без работа откако Барак Обама ја освои претседателската функција во 2008 година, тој на крајот ја основа ‘Капитол медиа партнерс’, комуникациска фирма која рекламираше присуство во неколку големи градови. Во реалноста, Гренел и неговиот деловен партнер, Чејс, работеле од своите домови во Јужна Калифорнија. Гренел стана ран и жесток корисник на Твитер кој навредуваше новинари, познати личности и политичари. Тој го оцрни изгледот на жените, вклучувајќи ги и двете поранешни државни секретари – Хилари Клинтон и Медлин Олбрајт – и водителката на MSNBC Рејчел Медоу…
Гренел ја започна кампањата во 2016 година како жесток критичар на Трамп: Тој го нарече ‘опасен!’ во избришаниот твит обновен од ‘Политико’. Но, откако Трамп ја освои номинацијата, Гренел стана висок профил, потпомогнат од неговата работа како платен коментатор на Фокс њуз. Истата година, компанијата на Гренел доби 103.750 долари од фондација главно финансирана од ултрадесничарската влада на Унгарија, а тој пишуваше колумни, за кои рече дека се неплатени, бранејќи го молдавскиот олигарх кој беше под санкции од Стејт департментот поради корупција.
До 2018 година, Трамп го номинираше за негов амбасадор на САД во Германија. За неколку недели по пристигнувањето во Берлин, Гренел наиде на осуда од двете страни на Атлантикот откако му кажа на ‘Барјтбарт’ дека сака да ги зајакне европските конзервативни лидери кои ги оспоруваат ‘неуспешните политики на левицата’.
Во 2020 година, Трамп го именуваше Гренел привремено да го замени вршителот на должноста директор на националното разузнавање, Џозеф Мегваер, кого Трамп го отпушти. Демократите во Сенатот одговорија со барање Министерството за правда да истражи дали Гренел го прекршил Законот за регистрација на странски агенти, кој генерално бара луѓето да ја објават работата во САД во име на странски влади. Во писмото се наведува работата на Гренел за Унгарија и молдавскиот олигарх. Тој беше заменет по три месеци од пратеникот Џон Ретклиф, кој доби потврда откако демократите заклучија дека иако е партизиран како Гренел, тој е многу помалку токсичен.
Кон крајот на 2020 година, желен за дипломатски пуч во последните денови пред претседателските избори, Трамп го испрати Гренел во мисија што ги мачеше западните дипломати цела деценија: да се обиде да ја натера Србија да го признае Косово. Гренел им се додворуваше на регионалните лидери, главно игнорирајќи ги дипломатите на САД и Европската унија кои работеа на ова прашање со години.
Уверен во договорот, Гренел предложи да се преименува индустрискиот резервоар што го делат Косово и Србија во ‘Езеро Трамп’ за да се забележи неговото достигнување. Но преговорите пропаднаа откако Трибуналот за воени злосторства во Хаг објави планови за обвинение против Тачи, косовскиот претседател. Србите и Албанците сè уште го нарекуваат езерото со две различни имиња, од кои ниту едно не е Трамп“.
Ќе видиме што ќе се изроди од вечерата на Мицкоски со Гренел. Нема да биде изненадување ако од тоа се изроди некаква бомбастична инвестиција, покрај поплочувањето на патот кон Трамп.
Пишува Љупчо Поповски
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.